Николовски и Оздемир посетија фарма и винарија, беа пречекани од мали производители, млади земјоделци и жени фармери
- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со делегацијата од Сојузна Република Германија, предводена од федералниот министер Џем Оздемир и амбасадорката Петра Дрекслер, ги посетија фармата „Аја Фарм“ и малата винарија „Брзанов“.
Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со делегацијата од Сојузна Република Германија, предводена од федералниот министер Џем Оздемир и амбасадорката Петра Дрекслер, ги посетија фармата „Аја Фарм“ и малата винарија „Брзанов“.
„Аја Фарм“ е семеен бизнис кој ги снабдува потрошувачите со млеко и млечни производи од 2014 година, нуди асортиман на млечни производи кои се доставуваат до крајните корисници преку системот за испорака „Од фарма до дома“. Во моментов „Аја фарм“ произведува 400 литри млеко дневно, од кои половината е од сопствено производство, а другата половина е од соработниците-добавувачи. На просторот пред „Аја Фарм“ беа поставени штандови со домашни македонски производи од мали производители, членови на здруженијата Национална федерација на фармери и Слоу Фуд Македонија. Двете делегации имаа можност да поразговараат со производителите кои беа претставувани од успешни рурални жени и млади земјоделци, кои креираат сопствени брендови и истите беа понудени за дегустација. При посетата на штандовите и фармата, министерот Оздемир имаше можност да се запознае и да поразговара со малите производители и при тоа упати порака дека земјоделскиот сектор е многу силен двигател на економијата, потенцирајќи дека Германија силно не поддржува во развојот.
За време на посетата на „Винаријата Брзанов“, пред гостите беше демонстриран процесот на производство на вино. Министерот Николовски ги информираше гостите дека македонското вино е едно од најквалитетните и дека благодарејќи на мерките и политиките на министерството, имаме зголемен девизен прилив од извоз на вино, што ја позиционораше Северна Македонија на тринаесетто место во светот за оваа година. Делегацијата имаше можност за дегустација на вината од „Винарската визба Брзанов“.
Дневната агенда, како што информира МЗШВ, завршува во Германската амбасада, каде ќе биде одбележан Денот на обединувањето на Германија.
-Тоа претставува мотив повеќе за нашето Министерство, токму на овој ден да бидеме домаќини на историска посета на германскиот сојузен министер, Џем Оздемир. Соработката помеѓу нашите министерства продолжува понатаму, уште посилно и поконструктивно, со доаѓањето на аташето за земјоделство, во јануари 2024 година, со седиште во Скопје и со цел поттукнување на земјоделскиот развој во Северна Македонија и во сите останати земји од Западен Балкан, наведува МЗШВ. мч/цр/