• сабота, 16 ноември 2024

Николовски: Го придвижуваме руралниот развој во шумарството, согласно европските насоки и позитивни искуства

Николовски: Го придвижуваме руралниот развој во шумарството, согласно европските насоки и позитивни искуства

Берово, 22 септември 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Берово ја отвори манифестацијата Форест Фест, традиционален настан кој и годинава е поддржан од Министерството   за   земјоделство,  шумарство   и водостопанство како една од 67-те локални манифестации финансирани од Програмата за рурален развој.

Фокус на овогодинешниот Форест Фест, како што рече Николовски, се програмите за поддршка на руралниот развој, каде планот е и сопствениците на приватни   шуми   да   бидат вклучени  како   целна   група,   за   помош   и поддршка преку соодветни субвенции. 

-За таа цел, добро би ни дошле сите доктринарни искуства и добри практики од земјите од регионот, како што се Словенија, Хрватска, Бугарија и други, кои би биле применливи во моментот и кај нас. И овој пат Националното Здружение на   сопственици на приватни шуми, се покажа како многу важен фактор во креирање на шумарските политики во Македонија и ова е само мал придонес како да го придвижиме руралниот развој во шумарството, во правец на европските насоки и позитивни искуства, кои се пак многу важен дел за нашите темелни заложби за придружување кон  Европското семејство, посочи министерот Николовски.

Подобрувањето на состојбите во шумарството, додаде, е една од стратешките цели на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Северна Македонија за остварување на европската заедничка зелена агенда за климатски неутрална Европа.

-Во моментов во фаза на подготовка е новиот закон за шумите, во кој ќе бидат вградени токму овие цели, за помош и поддршка на руралниот развој во шумарството, кои би биле исполнување на уште еден предуслов со цел да го намалиме  трендот  на иселување на младите од руралните средини и да им овозможиме на сите државни и приватни сопственици на шуми полесно да ги управуваат шумите, по примерот на земјите членки на Европската Унија, додаде министерот.

Во рамки на настанот, се одржаа и повеќе едукативни работилници кои беа презентирани од врвни експерти од областа на шумарството во Словенија, Хрватска и Бугарија, како и експерт од Европската комисија. 

Темите на работилниците беа во насока на хармонизација на новиот закон за шуми кој се креира по европски терк, и искористувањето на европските фондови и националните програми за поддршка на шумарството, приватните сопственици на шуми и националните паркови.

- Јас пред присутните во излагањето ќе се обидам да објаснам дека шумарство денес не е само нето шумарство, туку дека тоа е енергија, замена за фосилни видови и поширока економија. Не може само да гледаме на дрвото како нето на хартија, туку пошироко како нешто што е за развој на земјоделството и затоа е важно да се развиваат реусрси. Сега сме овде на подрачје со шума и на такви подрачја треба да се поттикне шумарството и да се направи некој развој, истакна претставникот од Словенија, Михаил Копривникар.

Хрватска, како што додаде Миљенко Зупаниќ, има доста добри искуства за поттикнување во шумарството, напоменувајки ја поддршката која на сопствениците на шуми било да е државна или приватна ја добиваат од државата.

- Една од мерките за поддршка е од пред влегување во ЕУ, кога направивме еден вид плаќање за услугата на еко системот, односно плаќање за еден вид општо корисна шума, каде државата уплаќаше во фонд за развој на шумарството. Тоа уште постои, а сега со влегувањето во ЕУ се достапни други извори како европски земјоделски фонд и планот кој сега е актуелен за унапредување на состојбата во приватните шуми, преку разни интервенции. Може да кажеме дека преку програмата за рурален развој искористивме околу 70 милиони евра, а сега со новата програма колу 85 милиони евра за нови мерки, рече Зупаниќ.

За сериозната поддршка за приватните сопственици на шуми зборуваше и Николај Василев, началник на одделот Стратегија и планирање за европско стопанство во Бугарија.

- Една од основните дејности со која јас раководам е да се помагаат сопствениците на шумски територии при усвојувањето на европски средства од различни фондови. Тука треба да се потцрта сериозната поддршка што ја имаме од програмата за развивање на селските реони. Сега во овој програмски период имавме 130 милиони евра за државни шуми, што како оперативен план е сериозен финансиски реусрс. За наредниот период предвидуваме 225 милиони евра, за кои сопствениците на шуми можат да аплицираат и да ги искористат, рече Василев.

Претседателот на Националното здружение на сопственици на приватни шуми на Македонија, Војо Соколов додаде дека идејата на Форест Фест, кој започна да се организира од 2013 година, е сопствениците на приватни шуми да бидат вклучени во поддршката преку фондовите и програмите за поддршка во земјоделството и руралниот развој. 

- Ние како здружение активно учествуавме во доснесувањето на тој закон, така да денешниот настан би било условно речено последен момент да интервенираме, со тоа што сопствениците на приватни шуми ќе можат да дадат свој придонес како да го збогатиме тој закон да биде што повеќе во функција на сопствениците на приватни шуми, додаде Соколов.

На настанот присуствуваа и градоначалниците на Берово и Пехчево, Ѕвонко Пекевски и Алексанадар Китански, директорот на ЈУ Национален парк Маврово, Самир Ајдини, како и претставници од секторот шумарство и национални паркови. Форест Фест продолжува и утре со планинарски марш, посета на локална пилана и туристички локалитети во Берово. вс/цр


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан