• четврток, 26 декември 2024

Николовски во посета на малата винарија Киево во Карбинци 

Николовски во посета на малата винарија Киево во Карбинци 

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Се гордеам што денес имаме 173 регистрирани и со грант поддржани 145 мали семејни винарии, ширум целата држава преку мерките што за поддршка на земјоделците ги креираме изминативе години, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при денешната посета на Филип Камчев, сопственик на малата семејна винарија Киево во Карбинци.

Малата семејна винарија Киево е добитник на грант поддршката од 10.000 евра, за набавка на опрема за производство, со која набави ферментатор за црвени вина, садови за чување на виното и полначка, а воедно им се отвори можност за ангажирање на стручно лице енолог во процесот на производство.

-Малите семејни винарии се наша успешна приказна на која сите треба да бидеме горди. Оваа успешна приказна за развојот на малите семејни винарии, започнавме да ја испишуваме во 2019 година, кога со законски измени создадовме можност за регистрација на физички лица, како производители на вино. Денеска со гордост можам да кажам дека имаме рекордна бројка од 173 регистрирани мали семејни винарии, ширум целата држава.  Со грант поддршка, до сега, се поддржани 145 мали винарии, изјави министерот Николовски.

Вложуваме, додаде, многу во винскиот сектор, а резултатите од креираните мерки веќе ги гледаме. Ако до 2019 година сме имале 71, денес имаме вкупно 255 регистрирани винарски визби во државата. Како држава сме позиционирани на високото 13 место во светот, по остварен девизен прилив од извоз на вино, кој во 2023 година достигна 57,7 милиони евра.

-Донесовме целосно нов закон за вино, усогласен во целост со регулативите на Европската Унија, кој на лозарите, за прв пат, со закон им ја гарантира цената на винското грозје. Како и нова посебна програма за финансиска поддршка за лозарството и винарството, истакна Николовски.  

Ние, посочи, сме винска земја со вредни лозари и ентузијасти како Филип, кои од убавото наше грозје, го прават најубавото вино, по кое светот не препознава. Токму затоа нашата поддршка кон малите винарии продолжува.

-Нашата визија, веќе за следната година е овој грант да порасне од 10.000 на 15.000 евра. Преку нова мерка исто од следната година сакаме да ги поддржиме семејните домаќинства во рурални предели, во развој на руралниот вински туризам, преку грант до 10.000 евра поддршка, потенцира Николовски. вј/нд/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан