• сабота, 28 декември 2024

Никола Маџиров член на жирото на „Griffin Poetry Prize“

Никола Маџиров член на жирото на „Griffin Poetry Prize“
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Македонскиот поет Никола Маџиров е член на жирото на најголемата светска награда со меѓународен карактер за поетска книга напишана или преведена на англиски јазик, „Griffin Poetry Prize“, со седиште во Торонто, Канада. Наградата за најдобра книга напишана или преведена на англиски јазик за 2022/2023 година изнесува 100.000 американски долари и ќе се додели на авторот и преведувачот на свечена церемонија во Корнер Хал (Koerner Hall) во Торонто, во јуни следната година. Петте автори кои ќе влезат во потесна конкуренција ќе добијат по 10.000 канадски долари и учество на свечената церемонија, а ќе се додели и награда за најдобра дебитантска поетска книга во Канада. Другите двајца членови на жирито се американската поетеса Наташа Третвеј, национален американски поет-лауреат за 2012-2014 година и добитничка на Пулицер, како и канадскиот поет Грегори Скофилд. Освен овие награди, се доделува и Грифин награда за животно дело, која досега ја имаат добиено неколку добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата како Ко Ун (2008), Х. М. Енцесбергер (2009), Адам Загајевски (2016) или нобеловците Томас Транстромер (2007), Шејмас Хини (2012), Дерек Волкот (2015) и други. Во конкуренција за најдобра поетска книга напишана или преведена на англиски јазик се шестотина книги од автори од многу земји. Една од основачите на наградата и добитничка на Златниот венец, Маргарет Етвуд, ќе каже: „Griffin Poetry Prize ги афирмира и охрабрува поетите веќе дваесет и две години. Поезијата не е минорна форма на уметноста; таа е казанот на човечкиот јазик.“ мд/

Остани поврзан