• среда, 25 декември 2024

Никозија го активираше планот за репатријација на државјани на трети земји преку територијата на Кипар

Никозија го активираше планот за репатријација на државјани на трети земји преку територијата на Кипар

Никозија, 2 октомври 2024 (МИА) – Специјалниот национален план „Естиа“ за прием и репатријација на граѓани од трети земји, преку територијата на Република Кипар е целосно имплементиран, соопшти преку платформата Икс, портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот план е активиран од синоќа од министерскиот тим за управување со кризи на Република Кипар, а според Летибиотис, „засега не се поднесени барања за почеток на големи операции за евакуација“.

-Во исто време, Министерството за надворешни работи на Кипар започна координација за помош во транспорт на ограничен персонал и граѓани од некои земји преку Кипар. Ја следиме ситуацијата со целосна подготвеност да ги поддржиме операциите за евакуација на цивилите во зависност од развојот на настаните. Особено ако е засегната работата на отворените структури за заминување во погодените земји, напиша портпаролот на кипарската Влада.

За евакуација на кипарски државјани од Либан, Грција ќе му стави на располагање на Кипар транспортен авион Ц-130 од военото воздухопловство, како што договориле министрите за одбрана на двете земји Василис Палмас и Никос Дендиас за време на вчерашниот телефонски разговор.

Од кипарското МНР преку соопштение ги осудија „масовни ракетни напади на Иран врз Израел“, за кои рекоа дека се „опасна ескалација во регионот што се соочува со невидени тензии кои можат да прераснат во поширок конфликт со тешки последици“.

-Кипар се приклучува на сите повици за воздржаност и деескалација и ќе продолжи активно да ги поддржува сите дипломатски напори насочени кон обезбедување регионална стабилност и безбедност, соопштија од кипарското МНР на платформата Икс.

Претседателот на Кипар Никос Христодулидис за денеска свика итен состанок на Советот за национална безбедност за последните случувања во регионот. ср/сд/

Остани поврзан