• среда, 18 декември 2024

Никодиновска-Крстевска: Треба да се почитува волјата на народот и да се земе предвид принципот на самоопределување на народите

Никодиновска-Крстевска: Треба да се почитува волјата на народот и да се земе предвид принципот на самоопределување на народите

Штип, 13 мај 2024 (МИА) –Треба да се почитува волјата на народот и да се земе принципот на самоопределување на народите затоа што тој принцип е темелник на меѓународниот поредок, истакна денеска универзитеската професорка по меѓународно право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип Ана Никодиновска-Крстевска, одговарајќи на прашањето како ги коментира реакциите на дел од амбасадорите во земјава откако претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова во заклетвата избегна да ја каже придавката северна.

-Според договорот од Преспа, иако треба да се навратиме назад на она што значи договорот од Преспа и кои се нашите меѓународно преземени обврски, меѓутоа верувам дека секојпат треба да се земе волјата и интенциите и се разбира не само тоа, треба да се земе предвид и принципот на самоопределување на еден  народ. Така што не можам да дадам конкретни забелешки затоа што не сум во дипломатскиот кор и не е моја задача да ги коментирам. Меѓутоа секојпат треба да се почитува волјата на народот и да се земе предвид принципот на самоопределување на народите затоа што тој принцип е темелник на меѓународниот поредок, вели Никодиновска-Крстевска, која е дел од денешниот настан „Симулација на Европски парламентарни избори“ во Штип.

На прашањето дека студентите учат за Европски парламентарни избори, а нашата земја со години добива забелешки дека треба да се направат извесни промени во Изборниот законик, Никодиновска-Крстевска во одговорот вели дека не е експерт за македонското законодавство, но забележува дека и во европското законодавство има некои недостатоци и затоа се прави негово постојано унапредување.

-Во смисла на начинот на којшто се определуваат седиштата, местата и итн., или пак начинот на кој се бираат не секојпат се репрезентативни на малите политички партии или слично. Постојано работат на унапредување и на нормите и на нивниот деловодник, во смисла на тоа соодветно да ги рефлектираат сите оние потреби, стандарди и правилам, вели Никодиновска-Крстевска.

Таа посочи дека промените ги прават со цел соодветно да ја рефлектираат волјата на граѓаните, кои живеат во Европската унија. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан