• четврток, 26 декември 2024

Низ штипските населби повторно се формираат депонии

Низ штипските населби повторно се формираат депонии

Штип, 29 јануари 2024 (МИА) - Диви депонии повторно се формираат во населбата Суитлак, но и во населбите Баби, Железничка, речиси секаде онаму каде што Јавното претпријатие „Исар“ претходно чистеше.

И покрај поставените информативни табли на кои стојат пораки за чиста животна средина, со несоодветно однесување некои поединци повторно ја загадуваат, информираше денеска  директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков. Тој истакна дека ваквите слики се видливи сѐ почесто во изминатиов период, па заедно со Општинскиот инспекторат ќе мора да изрекуваат и соодветни санкции во координирана акција.

-Ние како Јавно претпријатие и понатаму ќе продолжиме да ги чистиме овие диви депонии, меѓутоа напоменуваме и апелираме дека доколку не ја промениме навиката и културата на секојдневното живеење на поединците кои го прават ова, нашите ресурси наместо да бидат насочени кон одржување на јавната чистота, ќе бидат насочени кон постапување во однос на некултурното, несоведното однесување на мал број поединци, па ќе бидеме приморани да имаме заеднички координирана акција со Инспекторатот во Општина Штип, да го лоцираме несоодветното однесување и да го санкционираме, бидејќи нивното некултурно однесување во иста мера е и против законски, односно тие прават комунални прекршоци и ја загадуваат животната средина на сите кои живееме во општина Штип, рече Зајков.

Посочи и  дека и покрај тоа што постојано се апелира граѓаните да пријавуваат, сепак пријави не стигнуваат често. Посочува дека малкумина се оние кои се охрабруваат да го сторат тоа, па тој ги охрабрува да ги пријават загадувањата на животната средина, зашто санкционирањето на несовесни поединци, како што вели Зајков, е од полза за сите.

-Да бидам искрен, граѓаните најчесто не се осудуваат да пријават несоодветно, односно противзаконско постапување на луѓето кои ја загрозуваат нашата животна средина. Ги охрабрувам сите, бидејќи секој оној кој ќе биде затечен како фрла ѓубре не прави проблем само на Јавното претпријатие, туку прави проблем на сите ние кои живееме во општина Штип. Ова однесување директно влијае на здравјето и квалитетот на севкупното живеење во општина Штип. Ги повикувам сите граѓани доколку видат граѓанин да фрла ѓубре на несоодветна локација, истиот да биде пријавен на телефонот којшто стои на таблите за да можеме ние како Јавно претпријатие заедно со Општината да реагираме за да можат овие лица да бидат соодветно казнети, рече, Зајков. вдј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан