• среда, 13 ноември 2024

Нигер одобри војници на Мали и Буркина Фасо да интервенираат на нејзина територија доколку земјата биде  нападната

Нигер одобри војници на Мали и Буркина Фасо да интервенираат на нејзина територија доколку земјата биде  нападната

Ниамеј, 25 август 2023 (МИА) - Нигер им даде овластувања на вооружените сили на Мали и Буркина Фасо да интервенираат на нејзина територија во случај на напад врз земјата, јавија британските медиуми, повикувајќи се на заедничка изјава на трите африкански земји.

Ова се оценува како можен знак дека нигерската хунта планира да продолжи да се спротивставува на регионалниот притисок за повлекување.

Економската заедница на западноафриканските држави-ЕКОВАС (ECOWAS) се обидува да преговара со лидерите на пучот, но предупреди дека е подготвена да испрати војници во Нигер за да го врати уставниот поредок доколку дипломатските напори не успеат.

Секоја ескалација на кризата ризикува дополнително да го дестабилизира регионот разурнат од бунтовниците, бидејќи соседите на Нигер, Мали и Буркина Фасо јасно соопштија дека ќе го поддржат Нигер во секој потенцијален конфликт со ЕКОВАС.

Министрите за надворешни работи на трите земји објавија дека се сретнале во главниот град на Нигер, Ниамеј, за да разговараат за зајакнување на безбедносната соработка и други заеднички прашања.

Во соопштението се наведува дека шефовите на дипломатиите го поздравиле вчерашното потпишување на две наредби од страна на лидерот на нигерската хунта, генерал Абдурахман Чиани, „со кои се овластуваат одбранбените и безбедносните сили на Буркина Фасо и Мали да интервенираат на територијата на Нигер во случај на напад“.

„Министрите на Буркина Фасо и Мали... потврдија дека ја отфрлаат вооружената интервенција против народот на Нигер, што ќе се смета за објава на војна“, се додава во соопштението. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан