Нигериска делегација интелектуалци во Ниамеј: Пучистите се отворени за дијалог
- Средбата со лидерот на хунтата, генералот Абдурахамане Тчиани, траеше неколку часа, изјави шеикот Абдулахи Бала Лау, кој ја предводеше делегацијата. -Тој (Тчиани) изјави дека нивната врата е отворена за дипломатија и мир во решавањето на проблемите, рече Лау.
Ниамеј, 13 август 2023 (МИА) – Лидерите на државниот удар во Нигер се отворени за дипломатски разговори за решавање на конфликтот со западноафриканската регионална организација -ЕКОВАС, изјавија денеска група нигериски исламски интелектуалци по средбата со хунтата во Ниамеј.
Британските медиуми пренесуваат дека оваа посета доаѓа во моменти кога Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) ги истражува опциите за враќање на цивилната власт во Нигер, вклучително и потенцијална воена интервенција, по соборувањето на претседателот Мохамед Базум.
Бидејќи блокот останува посветен на мирното решение на кризата, претседавачот со ЕКОВАС и нигериски претседател Бола Тинубу ја одобри вчерашната мисија во Ниамеј на делегација на исламски интелектуалци, кои ветија дека ќе го промовираат дијалогот.
Средбата со лидерот на хунтата, генералот Абдурахамане Тчиани, траеше неколку часа, изјави шеикот Абдулахи Бала Лау, кој ја предводеше делегацијата.
-Тој (Тчиани) изјави дека нивната врата е отворена за дипломатија и мир во решавањето на проблемите, рече Лау.
Тчиани, наводно, ги нагласил историските врски меѓу Нигер и Нигерија, кажувајќи дека земјите не се само соседи, туку браќа и сестри кои треба да ги решаваат прашањата на пријателски начин.
Откако минатата недела пропаднаа сите дипломатски напори, ЕКОВАС ги активираше резервните воени сили за кои рече дека ќе бидат распоредени како последна опција доколку разговорите не успеат. Засега, организацијата се обидува да вложи напори во преговорите. сд/
фото:МИА архива