• среда, 25 декември 2024

Нивото на реката Урал во Оренбург надмина 11 метри

Нивото на реката Урал во Оренбург надмина 11 метри

Москва, 12 април 2024 (МИА) – Нивото на водата во реката Урал во Оренбург во текот на ноќта надмина 11 метри и достигна 1.120 сантиметри, изјави првиот заменик градоначалник Алексеј Кудинов.

Кудинов рече дека во Оренбург во текот на ноќта се поплавени уште 361 куќа и 900 приватни парцели, како и дека се евакуирани уште 99 жители, со што бројот на привремени сместувања се искачи на 165. Тој изјави дека денеска се очекува врв на поплавниот бран, по што ќе се намали нивото на Урал.

Нивото на водата во селото Каминское во руската Курганска област, на границата со Казахстан, во текот на ноќта порасна за 140 сантиметри, поради што се евакуираат жителите, изјави началникот на регионот Вадим Шумков.

Руските региони во јужниот дел на Урал годинава се соочија со невидени поплави, а најлоша е ситуацијата во регионот Оренбург, каде што на 5 април пукна браната што го штити градот од реката Урал во градот Орск. Извршена е масовна евакуација на жителите од делот наречен Стар град, а во тој реон е воведена вонредна состојба од федерални размери.

Според проценките на регионалната власт, штетите од поплавите би можеле да изнесуваат околу 208 милиони евра. Вонредна состојба е во сила и во регионите Курган и Тјумен. Властите на соседен Казахстан соопштија дека сегашните поплави се најголеми во последните 80 и повеќе години, а во некои области на земјата е прогласена вонредна состојба. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан