• среда, 25 декември 2024

НЗЕДМ: „Оземпик“ да се користи единствено по препорака на лекар за третман на тип 2 дијабетес

НЗЕДМ: „Оземпик“ да се користи единствено по препорака на лекар за третман на тип 2 дијабетес

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Лекот „оземпик“ да се користи исклучително по препорака на лекар за третман на дијабетес тип 2, а лицата со дијабетес тип 2 кои го користат по препорака на лекар, да не ја прекинуваат терапијата со овој лек и да ги консултираат докторите кои го препорачале, се наведува во денешното соопштение на проф. д-р Татјана Миленковиќ, претседател на Научното здружение на ендокринолозите и дијабетолозите на Македонија и научниот соработник д-р Ирфан Ахмети, претседател на Националната комисија за дијабетес.

Во соопштението се споменува текстот за лица кои земаат лек за дијабетичари за да слабеат, ризикувајќи си го здравјето.

- Како стручно здружение го поздравуваме апелот да не се користи лекот без консултација со лекар, како и информирањето на јавноста дека лекот е наменет за третман на дијабетес тип 2, како надополнување на исхраната и вежбањето, пишува во соопштението.

Оттаму потсетуваат дека лекот е одобрен за употреба од МАЛМЕД, како и од страна на регулаторните агенции во светот, вклучително Европската агенција, Aмериканската агенција.

- Лекот во нашата земја се употребува веќе три години кај лица со дијабетес тип 2 и првенствено се пропишува кај оние кои имаат дополнителни кардиоваскуларни настани и зголемена телесна тежина. Овој лек – „оземпик“ не е наменет за третман на прекумерна телесна тежина кај лица кои немаат дијабетес, се нагласува во соопштението.

Во него се додава дека стручната јавност и регулаторните агенции будно ги следат несаканите ефекти од лековите и во случај истите да претставуваат ризик по здравјето и животот на луѓето, соодветно се реагира и се препорачуваат мерки на претпазливост или при сериозен ризик лекот се повлекува од употреба. -Такво предупредување или најава за повлекување на лекот од употреба, како што се нагласува, за „оземпик“ не постои, се вели во соопштението. бд/ац/

Фото: Архива

Остани поврзан