• сабота, 28 декември 2024

Не секогаш парите се императив за нашите млади умови да се решат да заминат во белиот свет

Не секогаш парите се императив за нашите млади умови да се решат да заминат во белиот свет
Охрид, 25 април 2021 (МИА) – Зошто младите заминуваат од земјава, кои се причините, што стои зад нивната одлука да го напуштат родното огниште и да се обидат својата иднина да ја градат на друго место. Дали секогаш е материјалниот бенефит или има тука и нешто друго што ги влече да остават се и да заминат во странство, најчесто засекогаш... Еден од нив е Никола Буџакоски од Охрид, млад човек, дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии на катедрата за компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Уште како стипендист во ИТ секторот ја почнува неговата професионална кариера како демонстратор по предметите математика, програмирање и роботика, но и како практикант во компанијата „ОДВ Електрик” во нивната филијала во Германија. Сега тој живее и работи во Баварија, со магистратура по компјутерски науки во доменот на биомедицинско програмирање на катедрата за компјутерски потпомогнати медицински процедури (Computer Aided Medical Procedures – CAMP) на Факултетот за информатика и математика при Техничкиот универзитет во Минхен. Асистент е во Германскиот истражувачки центар за воздухопловство и вселена (German Aerospace Centre). А паралелно со академските и професионалните ангажмани Буџакоски е активист на „Генерација М”, како регионален претставник за Германија при „Обединетата Македонска Дијаспора” што се бори за промоција на македонскиот јазик, култура и традиција, а спроведува и акции „Академија на хуманоста” со организирање настани од едукативен карактер онаму каде има потреба. Буџакоски уште на почетокот на разговорот се оградува од општиот впечаток што генерално постои во Северна Македонија дека единствена, водечка причина за напуштање на родното огниште се парите и поголемата заработувачка. Во одредена животна приказна можеби тоа е случај, но тој сака да зборува од перспектива на амбициозните студенти од Македонија кои сакаат да го видат светот и да научат повеќе. Според него, финансискиот бенефит не бил ниту на топ-десет листата причини што го натерале да замине... - Инженерите или програмерите и во Македонија можат сосема доволно дури и многу да заработуваат, така што тоа никогаш не треба да се восприема како императив. За мене појдовната точка беше да ги одмерам силите, можностите на професионален план, но и да избегнам заситување во една точка. Можеби имаше тука и предизвик, сакав да се занимавам со истражување, да почнам од нула, да бидам никој и ништо на непозната територија, со непознати луѓе...Да излезам од својата зона на комфор и да видам колку можам во еден свет со потврдено високи критериуми и стандарди, сам, без никакви познанства и конекции. Верувам дека сите кои ја напуштиле татковината знаат колку е тешко да изградиш живот од почеток. Сакав да сретнам нови луѓе, различни култури, поинаков менталитет и начин на размислување, но и да работам на најнови технологии, да учам од најдобрите во амбиент каде се креирааат технолошките пронајдоци. Сакав да апсорбирам што е можно повеќе од светот и да му дадам на светот дел од мојата личност, но и нашата култура и традиција, вели тој. Меѓу причините зошто ја избрал токму Германија како земја за остварување на своите цели и замисли, тој како прва го посочува речиси бесплатното образование споредено со други европски, но и светски технолошки напредни држави. Како споредба, семестар на магистерски студии на Техничкиот универзитет во Минхен чини речиси идентично колку семестар на додипломски студии во Македонија на УКИМ. - Сите кои студираат на некој светски универзитет знаат дека образованието и сите трошоци додека студирате, особено на престижните факултети, се навистина голема, финансиски исцрпувачка инвестиција. Германија нуди квалитетно образование по цени што се блиски на македонскиот стандард. Додека пак за животните трошоци постои опција да работите во текот на студиите, така што дури и без никаква стипендија може да си овозможите квалитетно образование на светски познат универзитет, вели Буџакоски. Втората причина за изборот е неспорниот момент, дека Германија е моќен двигател во модерното европско живеење, лулка на многу напредни технологии што нуди невидени можности на професионален план. За изборот на Техничкиот универзитет во Минхен и програмата на која што магистрирал ќе рече дека била негова идеја и замисла уште од средно образование, со желба за академска надоградба како доминантна водилка и тоа преку практична работа до дополнително знаење и пред се интернационално искуство во големи размери со високи критериуми. - Одлуката да се насочам кон помагање на медицината произлезе од секојдневниот живот и сопствените искуства со погрешни или задоцнети дијагнози на блиски личности. Денес во време на Ковид-19 можеме да видиме колку технологијата е потребна, особено во медицината за да може човештвото да опстои на некој начин. Потребни се помагала, подобрени дијагнози, операции, процедури што ќе помогнат не само на докторите специјалисти, туку директно ќе имаат траен печат и на пациентите кои ќе ги користат. Така што кога бирав насока во која ќе ги употребам моите стекнати искуства се одлучив за биомедицинското програмирање. Програма на англиски јазик која се занимава со таа проблематика, различни решенија од областа на инженерството и компјутерските науки за потребите на медицината. Мојот особен интерес е кон роботика во операционата сала, нешто на кое што сакам да го посветам и моето понатамошно работење, вели Буџакоски кој е дел од експертскиот тим што ја разработува технологијата за мехатронички медицински помагала. Не смета дека е дојден мигот кога технологијата ќе ги замени лекарите, напротив, ниту е тоа нивна намера ниту замисла, да се стават некакви роботи пред човекот. Интенција е да се создаде околина во која специјалистите во медицината ќе работат побрзо, поефективно и попрецизно благодарение на роботите. - Главниот актер ќе биде лекарот додека роботот би служел како алатка за извршување на повторливи процедури што изискуваат постојана смиреност, прецизност, па и поефективни третмани за закрепнување на самите пациенти. Од друга страна, софтверските решенија би овозможиле побрзо дијагностицирање и детектирање на болести. На овој начин ваквите решенија би се користеле во третирањето на познатите заболувања и стандардизирани процедури што од друга страна на лекарите им дава повеќе време да се фокусираат на истражување и откривање нови болести, забележува тој. За тоа како е да се студира, дообразува и работи истовремено во град како Минхен Буџакоски вели дека не е едноставно, оттаму што самиот факултет има доста обврски, материјалот по секој предмет е обемен и бара секојдневен ангажман, а истото важи и за работното место. Како што вели, нивото на вложен труд е многу големо, се бара континуирана секојдневна работа, дисциплина, доста потрошени часови од слободното време за читање, надоградување, истражување, дообучување. Но, како што вели, со соодветен план сѐ се постигнува. Кога ќе се осврне на образованието стекнато тука во Македонија, Буџакоски задоволен од багажот знаење што го понел со себе. Но, укажува и на проблемите што постојат во македонското општество, пречките што се исправаат пред речиси секој млад човек, што лично ги искусил и за кои смета дека генерално постојат, оградувајќи се од исклучоците. - Прва и основна работа што треба да се промени во македонскиот менталитет е дека не треба човек да се образува затоа што мора, туку затоа што сака да научи повеќе, независно областа за која да се работи. Тоа би подразбирало дека не се оди на факултет под притисок од родителите или општеството. Уште од основно и средно образование над учениците во Македонија како да е надвиснат концептот „Со сите петки”, некаква исфорсирана, дисфункционална премиса. Токму таа создава нефункционален систем на моќни искомплексирани родители и наставници вазали, кои многу често се неправедни и ги извршуваат овие желби, каде што по секоја цена мора да се истурка детето до моментот да ги поседува тие фамозни петки. Сметам дека уште од најрана возраст се испраќа погрешна порака до учениците и идните студенти кои наместо да уживаат во својата наобразба и желба за самодокажување, образованието го восприемаат како товар и обврска кон родителот или професорот, вели тој. Негов личен впечаток кога се работи за високото образование во Македонија е дека како сите да се борат да добијат повеќе со помалку труд и таа линија на помал отпор како да станува правило. Многумина, како што вели, се запишуваат на факултет затоа што се приморани од општеството и на крај акцентот се става на поседување диплома, во бројни случаи со сомнителен квалитет. - Сметам дека еднаш за секогаш треба да се разграничи и да се разбере дека не секој мора да има диплома. Секој треба да го пронајде својот интерес и особеност, и врз основа на тоа да реши како ќе продолжи да се надоградува, независно од тоа дали ќе се одлучи за занаетчиска обука, факултет, приватна академија или ќе започне со професионална кариера по завршување на задолжителното образование. За високото образование во Македонија сметам дека му недостасуваат инвестиции, особено во техничките науки, многу опрема, лаборатории, научни настани, подобрени лабораториски вежби, соработка со индустријата за подобри пракси. Јас искрено се надевам дека еден ден ќе го надминеме моментот на испити каде студентите мора од  „а“до „ш“ да напишат се по книга како да се папагали, а не академски граѓани кои би го менувале општеството кон подобро, изјавува Буџакоски. За неговото дошколување во Германија вели дека она што најмногу го привлекло е можноста да учи од професори кои не се професори по книга, туку речиси сите од нив, барем оние кои му предавале, биле токму тие кои започнале да ја развиваат технологијата за која предаваат или моментално ја разработуваат и развиваат. Секоја една лекција што се учи произлегува од искуство, се учи на детектиран проблем, како истиот може да се реши, кои се предизвиците, кои се резултатите и какви подобрувања се потребни. - Практично се презентира сопствено искуство од прва рака. За споредба, во Македонија како многу често да се учи концептот, но како да не е точно прецизирано зошто тој концепт постои и каде точно може да се употреби. Освен тоа, нивото на опременост на лабораториите тука е врв на современата технологија, со голем избор на практични предмети за изучување. Кога се избира практичен предмет, студентот работи на проекти, така што може самиот да си изгради образование што ќе биде некаков идеален баланс меѓу теоријата и праксата. Се надевам дека ќе дојде време кога кај нас ќе се сфати дека една од најважните инвестиции е образованието и оти повеќе ќе се инвестира во знаењето, дотолку повеќе што има капацитет. Има талентирани ученици кај нас, но лично сметам дека треба многу работи да се подобрат за соодветна реализација, вели тој. Буџакоски е магистер по роботика, веќе две години работи како асистент во германскиот Истражувачки центар за воздухопловство и вселена каде разработува алгоритми и концепти за медицински робот за истражувачки цели што би се користел во операциска сала. Негова интенција е да започне сопствена истражувачка работа во областа, со амбиција токму во процесот на доусовршување на односната проблематика да ја пронајде темата на неговата докторска дисертација. Александар Бачиќ

Остани поврзан