• четврток, 26 декември 2024

Нехамер и Мицотакис со поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан

Нехамер и Мицотакис со поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан

Атина, 11 септември 2024 (МИА) – Поддршката за ЕУ перспектива на Западен Балкан ја повторија австрискиот канцелар Карл Нехамер и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по нивната денешна средба. Нехамер посочи дека „многу подмолни земји како Кина и Русија се обидуваат да ги привлечат земјите од Западен Балкан“, а она што тие како ЕУ членки го прават е придвижување на регионот кон Европа, додека пак Мицотакис ја истакна важноста на почитувањето на владеењето на правото и договорите на патот кон интеграција во Унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

На прес-конференцијата по средбата со Мицотакис во Виена, австрискиот канцелар рече дека „третото важно прашање“ за кое разговарале е поврзано со Западен Балкан, прашање за кое посочи дека имаат заеднички интереси и потсети дека се членови на групата „Пријатели на Балканот“, со дипломатска активност и истакна дека е неопходна „заедничка позиција за справување со заедничките предизвици“.

-Ние сме земји кои многу подобро го разбираме овој регион. Грција и Австрија секогаш градиме мостови кога се работи за приближување на Западен Балкан до Европската Унија. И многу подмолни земји како Кина и Русија се обидуваат да ги привлечат овие земји, но она што го правиме е ние да ги придвижиме овие земји во насока кон Европа. Бидејќи овде сме во сферата на влијание на Европа и добро е да се гледа Европа како целина и навистина да се приближиме кон Европската Унија. Економски развој во иднина, но и безбедност и геостратегија, за да нема празнини кои во иднина ќе доведат до големи барања и предизвици, истакна Нехамер.

Грчкиот премиер посочи дека и двајцата ја поддржуваме европската интеграција, односно европскиот пат на Западен Балкан.

- Му потенцирав на драгиот Карл, на господинот канцелар дека секое сениште на национализам што се буди на Западен Балкан на крајот завршува како закана за самата европска идеја. Нашата порака до државите кои бараат да се интегрираат во Европската Унија мислам дека е заедничка. Во Унија како што е нашето европско семејство, не може да се замислат отстапки во владеењето на правото и не можат да се замислат отстапки ниту во почитување на постоечките договори, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер и австрискиот канцелар разговарале и за мигрантското прашање и за ситуацијата на Блискиот Исток. ср/ссм/

Остани поврзан