• сабота, 23 ноември 2024

Нехамер: Австрија има посебен интерес Северна Македонија и целиот Западен Балкан да станат дел од ЕУ

Нехамер: Австрија има посебен интерес Северна Македонија и целиот Западен Балкан да станат дел од ЕУ

Виена, 20 април 2023 (МИА) - Северна Македонија прави многу за започнување на преговорите за пристапување во ЕУ и го почитуваме она што е постигнато, како и напорите за решавање на тешката ситуација со Бугарија, истакна австрискиот канцелар Карл Нехамер на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Виена.

- Северна Македонија е добар партнер за Австрија затоа што чини многу за започнување на преговорите за пристапување во ЕУ. Премиерот придонесе многу за решавање на тешката ситуација со Бугарија. Го почитувам она што е постигнато од Северна Македонија. Австрија и натаму ќе биде на страната на Северна Македонија, ние сме пријатели посветени на заедничка работа, изјави Нехамер.

Австрија, нагласи Нехамер, има долга традиција на градење мостови на Западен Балкан и има посебен интерес земјите од регионот да не ја изгубат песпрективата за пристапување во ЕУ.

- За овој стартешки регион се заинтересирани и Русија, Кина и многу други и токму затоа сметам дека е важно и должност е на ЕУ да биде присутна во регионот и да дава поддршка. Австрија останува силен поддржувач процесот на пристапување навистина да почне и да се заврши со членство во ЕУ, рече австрискиот канцелар.

Осврнувајќи се на односите со Северна Македонија во другите области, Нехамер кажа дека Виена и Скопје имаат тесна и добра соработка во економската сфера, и во однос на безбедноста. Искажа благодарност за тоа што го прави Северна Македонија за заштита на границите и во справувањето со миграцијата, сега и преку силната соработка и со ФРОНТЕКС.ам/са/

 

Остани поврзан