• вторник, 24 декември 2024

„Нефрон“: Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на Јовев

„Нефрон“: Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на Јовев

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) - Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на директорот, професор доктор Сашко Јовев, а за евентуално направените грешки и пропусти во работењето, доколку ги има, соодветно нека биде казнет со други мерки, но, да не се казнуваат пациентите или оние кои чекаат трансплантација, затоа што сите сме свесни дека Националната програма за трансплантација на органи се темели најмногу на ентузијазмот на поединците и посветеноста на тимот. Ова се наведува во денешното соопштение на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ од Скопје.

- Сѐ она што се појави како информација по социјалните мрежи и медиумите за разрешувањето на професор доктор Јовев, директор на Клиниката за кардиохирургија, нѐ вознемири како здружение на граѓани, како пациенти кои чекаат трансплантација и како единствено здружение на бубрежно болни, кое наназад 20 години ја води кампањата за органодарителство и трансплантација на органи, пишува во соопштението.

Од таа причина, решиле да го споделат нивното мислење и загриженост во врска со овој случај.

- Ни во еден момент не сакаме да судиме или браниме и доколку постојат основани причини и грешки во работењето на професор доктор Јовев и Клиниката за кардиохирургија со која тој раководи, постојат процедури и дисциплински мерки со кои истите можат да бидат санкционирани. Но, мораме да се сложиме дека во најтешките времиња во текот на пандемијата со Ковид 19, под водство на професор доктор Јовев и тимот за трансплантација се направи голем исчекор во медицината со првата трансплантација на срце во Македонија, која силно и позитивно одекна не само кај нас во државата, туку и пошироко. Направените 8 трансплантации на срце спасија осум животи и влејаа надеж кај пациентите кои чекаа да им се трансплантира срце, дека најпосле и тие ќе имаат решение за нивните проблеми и ќе продолжат да живеат. Се радувавме со нив, особено затоа што пациентите кои чекаат трансплантација на бубрег имаме опција за живот - тоа е дијализата, а за пациентите кои чекаат трансплантација на срце тоа беше единствениот начин да продолжат да живеат, се додава во соопштението.

Од Здружението истакнуваат дека „не смееме да заборавиме дека како предводник на тимот за трансплантација на срце, докторот Сашко Јовев за првпат направи уште еден голем подвиг несвојствен за Македонија и ги обедини најголемите експерти од областа на јавното и од приватното здравство, со што тој успех беше уште поголем“.

- Епилогот на оваа оптужба и разрешување на професорот Јовев најверојатно ќе заврши како и многу досега, со водење на долги процеси за проценка на стручноста и компетентноста на работењето на лекарите во лекувањето на пациентите, со долги беспредметни судски процеси и долги рокови на процесуирање кои на крајот завршуваат со неутврдување на одговорност и вина, но кој ќе ја понесе одговорноста за направените штети кон професорот Јовев, Клиниката за кардиохирургија, целокупното македонско здравство, а посебно кон пациентите, прашуваат од Здружението.

Затоа, додаваат, „повикуваме во прв план да се стават потребите и животите на пациентите кои чекаат трансплантација на срце и други кардиохируршки интервенции, а суетите по страна“. бд/нд/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан