• четврток, 26 декември 2024

Неформално заседание на Советот за вработување и социјална политика на ЕУ  

Неформално заседание на Советот за вработување и социјална политика на ЕУ  

Брисел, 11 јануари 2024 (МИА) - Во белгискиот град Намур денеска и утре ќе се одржи неформален состанок на министрите за вработување и за социјални прашања на земјите членки на ЕУ на кој ќе учествува и еврокомесарот за вработување и социјални права Николас Шмит и претставници на Европскиот парламент, на социјалните партнери на Унијата и на граѓанското општество, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти Европската комисија, на денешниот работен дел од заседанието учесниците ќе разговараат за сознанијата до кои е дојдено со имплементацијата на Европскиот столб за социјални права и како тие ќе може да се интегрираат во идната Стратешка агенда на ЕУ. Дополнително, ќе се одржат и сесии посветени на справувањето со недостигот на работна сила во ЕУ, како и на подобрувањето на пристапот до социјална заштита и квалитетни социјални услуги.  

Утре, ќе бидат одржани две сесии кои ќе се фокусираат на социјалните инвестиции и промоцијата на социјалните и работничките права надвор од границите на ЕУ, на кои ќе учествуваат и претставници на Украина и Молдавија, како и на зајакнување на европските социјални права. 

Со неформалниот Совет за вработување и социјална политика ќе претседаваат белгискиот вицепремиер и министер за економија и вработување Пјер-Ив Дермањ и министерот за здравство и социјални работи на Белгија, Франк Ванденбруке, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. 

ЕК посочува дека со Акцискиот план за Европскиот столб за социјални права се поставени конкретни активности за остварување на трите главни цели на ЕУ до 2023 година – раст на вработеноста, подобро оспособени стручни кадри и намалување на сиромаштијата.

Комисијата потсетува дека предложи бројни иницијативи насочени кон изградба на социјална Европа базирана на рамноправност, инклузивност и повеќе можности. 

Според ЕК, овие иницијативи, меѓу останатото, се во правец на зголемена транспарентноста на платите за да се затвори родовиот јаз во исплатата на лични примања, утврдување на минимални плати, заштита на здравјето и безбедноста при работа, борба против детската сиромаштија и поддршка за вработувањето на лица со попреченост. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан