• недела, 24 ноември 2024

Нетранспарентни набавките за униформи, фотографирање, ужина во училиштата, се трошат околу 10 милиони евра

Нетранспарентни набавките за униформи, фотографирање, ужина во училиштата, се трошат околу 10 милиони евра

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Без транспаретност и отчетност се трошат околу 10 милиони евра за набавки во училиштата кои се финансираат со пари од родителите, покажува истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во осум општини во државата открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила коишто би овозможиле избор на најповолните понуди. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН)  за нив има донесено процедури во 2014 година.

Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека дури и кај оние училишта што ги доставиле одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои фирми да се бараат понуди за набавките.

- Оваа состојба е последица на тоа што МОН доцни со изготвувањето на подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки. На тој начин им се овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите. Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 - 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето е изготвено во рамки на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Истражувањето е спроведено во периодот од  1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. бак/нд/


Фото: МИА архива

Остани поврзан