• недела, 24 ноември 2024

Нетанјаху: Судските реформи не се слабеење, туку зајакнување на израелската демократија

Нетанјаху: Судските реформи не се слабеење, туку зајакнување на израелската демократија

Ерусалим, 31 јули 2023 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека судските реформи не значат слабеење на израелската демократија, туку нејзино зајакнување.

„Го враќаме Израел во согласност со повеќето демократии, каде што беше во првите пет децении и каде што треба да биде во наредните децении“, рече Нетанјаху во синоќешното интервју за Фокс њуз, осврнувајќи се на реформите што предизвикаа бројни протести во земјата и критики од странство.

Нетанјаху даде неколку интервјуа за американски медиуми во последниве недели како одговор на критиките за законот за реформи во судството што неговата коалиција го донесе минатата недела.

Тој рече дека противниците тој закон го претставуваат како „страшен крај на демократијата“, додавајќи дека ако е така „тогаш нема демократија никаде на друго место во светот“.

Нетанјаху зборуваше и за обидот да се најде консензус со опозицијата.

„Дадов три месеци за преговори, никаде не стигнав со опозицијата која е заложник на екстремното малцинство кое ги организира сите протести и демонстрации“, рече тој.

Израелскиот премиер додаде дека тогаш решил веднаш да го усвои законот, но дека се уште се обидува да постигне консензус бидејќи смета дека тоа е подобро за демократијата.

Минатиот понеделник, Нетанјаху и неговите коалициски партнери, вклучително и ултранационалистичките и ултраортодоксните еврејски партии, усвоија клучен закон кој ќе ја ограничи способноста на Врховниот суд да ги поништува владините одлуки. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан