• среда, 25 декември 2024

Нетанјаху: Срамна одлука на британската Влада да прекине дел од извозот на оружје за Израел

Нетанјаху: Срамна одлука на британската Влада да прекине дел од извозот на оружје за Израел

Ерусалим, 3 септември 2024 (МИА)  - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека британската Влада донела „срамна одлука“ да суспендира дел од дозволите за извоз на оружје наменето за Израел.

Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами вчера најави дека Велика Британија ќе суспендира 30 од вкупно 350 дозволи за извоз на оружје наменето за Израел.

Одлуката уследи откако новата лабуристичка влада соопшти дека открила дека постои „јасен ризик“ британското оружје да се користи за сериозно прекршување на меѓународното право поврзано со третманот на палестинските затвореници и испораката на помош во Газа.

Британските медиуми јавуваат дека овој владин потег доаѓа само еден ден откако израелските сили ги открија телата на шестмина заложници убиени во тунел во Газа.

Нетанјаху додаде дека одлуката нема да ја промени решеноста на Израел да го победи Хамас, геноцидната терористичка организација за која рече дека на 7 октомври минатата година дивјачки уби 1.200 луѓе.

Израелскиот премиер додаде дека оваа погрешна британска одлука само ќе го охрабри Хамас.

-Со или без британско оружје, Израел ќе победи во оваа војна и ќе ја обезбеди нашата заедничка иднина, рече тој.

 Лами по победата на општите избори на лабуристите рече дека ќе ја разгледа продажбата на оружје на сојузникот Израел за да се осигура дека тие се усогласени со меѓународното право.

 Британскиот извоз на оружје изнесува помалку од еден процент од вкупното оружје што го добива Израел, а Лами рече дека суспензијата на дозволите за извоз нема да има материјално влијание врз безбедноста на Израел и дека Велика Британија продолжува да го поддржува правото на Израел на самоодбрана.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан