• среда, 04 декември 2024

Нетанјаху му се заблагодари на Трамп за инсистирањето за итно ослободување на заложниците во Газа

Нетанјаху му се заблагодари на Трамп за инсистирањето за итно ослободување на заложниците во Газа

Тел Авив, 3 декамеври 2024 (МИА) - Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху му се заблагодари на идниот претседател на САД Доналд Трамп кој на социјалните мрежи со закана побара итно ослободување на заложниците од Газа.

Трамп предупреди дека ако тоа не се случи, ќе се плати „ужасна цена на Блискиот исток“ и дека оние кои се одговорни за злосторствата против човештвото ќе бидат „погодени повеќе од кој било друг во историјата на американските акции“.

„Ова е многу силна изјава која јасно покажува дека постои една страна која е одговорна за оваа ситуација, а тоа е Хамас. Хамас мора да ги ослободи заложниците“, изјави Нетанјаху на специјална седница на владата во приморскиот град Нахарија на северот на Израел, пренесуваат израелските медиуми.

Идниот американски претседател на социјалната мрежа Truth Social напиша: „Сите зборуваат за заложниците кои се држат насилно, нехумано и против волјата на целиот свет на Блискиот исток – но тоа се само приказни, а не дејствија!“.

Трамп предупреди дека „ако заложниците не бидат ослободени до 20 јануари 2025 година, кога со гордост ќе ја преземам функцијата претседател на САД, ќе има ПЕКОЛНА ЦЕНА на Блискиот исток за оние кои ги извршија тие злосторства против човештвото. Одговорните ќе бидат погодени потешко од кој било друг во долгата историја на САД за која се зборува. ОСЛОБОДЕТЕ ГИ ЗАЛОЖНИЦИТЕ СЕГА!“.

Израелскиот премиер оцени дека Трамп, иако не го спомена Хамас, „стави акцент на вистинската страна, Хамас, а не на израелската влада, како што понекогаш се случува“.

Демонстранти и некои семејства на заложниците го обвинуваат Нетанјаху дека не прави доволно за да постигне договор со Хамас за ослободување на заложниците од Газа, за кои се верува дека се околу стотина, но не се знае дали сите се живи.

- Ќе продолжиме да правиме сè за да ги ослободиме и кој било што ќе ги повреди, ќе биде убиен, предупреди Нетанјаху.

Оценувајќи го кревкиот прекин на огнот со либанскиот Хезболах, Нетанјаху повтори предупредување дека војната со оваа про-иранска организација не е завршена.

Тој изјави дека Израел е посветен на прекинот на огнот, но нема да толерира кршење на договорот од друга страна. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан