• сабота, 09 ноември 2024

Нетанјаху за налогот за апсење од МКС: Тоа е апсурдна одлука

Нетанјаху за налогот за апсење од МКС: Тоа е апсурдна одлука

Тел Авив, 20 мај 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за првпат се огласи по информацијата дека по него ќе биде распишана потерница за злосторства за време на војната против Хамас.

Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд во Хаг денеска ја објави одлуката за барање за налози за апсење на водачите на Хамас Јахја Синвар, Мухамед Деиф и Исмаил Ханије поради сомнение дека извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и земање заложници, убиства и злосторства на сексуално насилство. Исто така, побаран е налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант кои се сомничат дека извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и изгладнување како метод на војување, убиства, прогон и истребување.

Нетанјаху рече дека одлуката на Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), да побара налог за апсење против него е „апсурдна“ и дека Израел во целост е на мета поради тоа.

- Со гадење ја отфрлам споредбата меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас што ја направи главниот обвинител на судот во Хаг, рече Нетанјаху, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Израелскиот премиер истакна дека „не сфаќа како Кан го споредува со Хамас, кој убиваше, палеше, колеше, обезглавуваше, силуваше и киднапираше наши браќа и сестри и војниците на ИДФ кои водеа праведна војна“. 

При нападот на Хамас на израелската погранична област на 7 октомври беа убиени околу 1200 луѓе и земени како заложници повеќе од 250 лица кои беа одведени во Појасот Газа. Реакцијата на Израел беше воена офанзива во Појасот Газа, во која според податоците на Министерството за здравство, контролирано од Хамас,  досега загинале повеќе од 35 400 луѓе, главно цивили. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан