• вторник, 24 декември 2024

Нетанјаху: Ги продолжуваме разговорите за припојување на делови од Западниот Брег

Нетанјаху: Ги продолжуваме разговорите за припојување на делови од Западниот Брег
Тел Авив, 30 јуни 2020 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека разговорите со САД за плановите за анексија на окупираниот палестински Западен Брег ќе продолжат „овие денови“, посочувајќи дека нема да биде на 1 јули, како што беше претходно најавено. Нетанјаху ова го соопшти после разговорите со претставникот на Белата куќа, Ави Берковиќ и американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман. Израел и САД веќе неколку месеци разговараат за тоа кои територии на Западниот Брег Израел ќе ги анексира. - Зборувам за прашањата кои се однесуваат на суверенитетот, на кои работиме деновиве, и ќе продолжиме во наредниот период, рече Нетанјаху. Високата комесарка на Обединетите нации за човекови права Мишел Башеле вчера оцени дека планот на Израел да започне со анексирање на делови од окупираниот Западен Брег ќе има катастрофални последици за регионот. Нејзиното остро предупредување е дел од бројните повици до Израел да не го спроведува својот план. Генералниот секретар на ОН, Европската унија и клучните арапски земји се изјаснија против анексијата, велејќи дека тоа ќе го прекрши меѓународното право и ќе ги уништи сите преостанати надежи за воспоставување одржлива палестинска држава, која ќе егзистира покрај Израел. Утре во израелскиот парламент ќе почне официјална дебата за анексијата. Нетанјаху вети анексија на стратешката долина Јордан и сите еврејски населби, што е околу 30 проценти од Западениот Брег, согласно американскиот план претставен во јануари. Врз основа на тој план, Палестинците би основале своја држава на преостанатите делови од Западниот Брег, но со исполнување на серија остри услови. Палестинците бараат да основаат своја држава на цела територија, што подразбира Појасот Газа со главен град Ерусалим. САД претходно го прифатија Ерусалим за престолнина на Израел. Сепак, израелските медиуми во последните денови информираат дека Израел го известил палестинскиот претседател Махмуд Абас дека не планира да ја анектира долината Јордан, туку анексијата ќе се ограничи на два-три блока еврејски населби. Палестинците, пак, соопштија дека се подготвени да ги обноват директните преговори со Израел и за помали измени на границата, се наведува во документот што вчера бил доставен до четворката блискоисточни мировни посредници (ЕУ, ОН, Русија и САД). – Никој нема толку интерес како Палестинците за постигнување на мировен договор и никој не може да изгуби како Палестинците поради недостиг на мир. Ние сме подготвени да имаме наша држава со ограничен број на парчиња оружје и силна полиција што одржува ред и мир. Подготвени сме да го прифатиме присуството на трета страна врз основа на мандат (на ОН), што ќе обезбеди исполнување на мировниот договор за безбедност и границите, наведе Палестинската управа алудирајќи на НАТО како „водечка меѓународна сила“. Во документот се предлагаат и „мали измени на границата“, што заеднички ќе бидат договорени и ќе се засноваат на границата од 4 јуни 1967 година, кога почна окупацијата на Западен Брег. Палестинскиот премиер Мухамед Штајех го претстави планот на Палестинците на почетокот од месецот, но не наведе детали. Планот е одговор на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој предвидува израелска анексија на делови од Западен Брег и создавање на демилитаризирана палестинска држава на преостанатиот дел од таа територија. Ако Израел прогласи анекција на кој било дел на палестинската територија тоа ќе значи поништување на сите потпишани договори, се посочува во документот. Израел планира да ја анектира стратешката Долина Јордан и сите еврејски населби во Западен Брег односно околу 30 проценти од палестинска територија окупирана во 1967 година. Во Западен Брег живеат 2,8 милиони Палестинци, а во изминатата деценија бројот на еврејски доселеници се зголеми за 40 отсто на повеќе од 450.000 луѓе. ссм/

Остани поврзан