• четврток, 26 декември 2024

НЕР и ДЕСФА потпишаа договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција

НЕР и ДЕСФА потпишаа договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција
Солун, 10 септември 2021 (МИА) – На маргините на Енергетскиот форум за Југоисточна Европа што денеска се одржува во Солун, извршниот директор на Националните енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи и главната извршна директорка на грчкиот национален оператор за пренос на гас ДЕСФА Мариа Рита Гали потпишаа договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Од  грчката компанија соопштуваат дека договорот ги воспоставува принципите на соработка, според кои ДЕСФА и НЕР имаат намера да ги координираат: главните фази, нивните обврски и придружните точки на развојот на интерконекторот, но го вклучува и почетокот на обврзувачкиот Market Test, „согласно условите што ќе бидат одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и по позитивната Конечна одлука за инвестиции од двете страни, што се очекува во првата половина на 2022 година, што ќе го олесни навременото и ефикасно завршување на изградба на проектот, согласно договорениот временски период“. По потпишувањето на договорот, првите луѓе на двете компании Бајрам Реџепи и Мариа Рита Гали ја истакнаа важноста на интерконекторот. Извршниот директор на НЕР АД Скопје рече дека потпишувањето на договорот меѓу двете компании е меѓу последните и многу важни чекори кон крајната цел. -Изградбата на овој коридор, не само што ќе диверзифицира, туку ќе создаде и стабилен извор за снабдување со природен гас, а неговите придобивки ќе бидат достапни не само за Северна Македонија, туку и за нашите северни соседи. Нашата соработка со ДЕСФА, нема да заврши со финализирањето на гасната интерконекција и секако ова партнерство ќе се продлабочи и ќе се прошири и на други области, со цел да понуди поволни услови на пазарот на енергија, рече Реџепи. Главната извршна директорка на грчкиот национален оператор за пренос на гас истакна дека потпишувањето на договорот за соработка помеѓу ДЕСФА и НЕР „дава значителен поттик за развој на взаемно корисен проект за Грција и Северна Македонија“. Договорот беше потпишан на маргините на форумот „Southeast Europe Energy Forum 2021“ во Солун, во организација на Американско- грчката трговска комора и Грчката асоцијација за енергетска економија, а на потпишувањето присуствуваа и министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас и амбасадорите на САД во Северна Македонија и Грција Џефри Пајат и Кејт Брнз. Скрекас истакна дека со интерконекторот дополнително се надградува геополитичката улога на Грција. -На нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина, со постепена замена со природен гас на позагадувачките извори на производството на електрична енергија и да придонесе и во општата европска цел за климатски неутрална европска економија до 2050 година. Проектот е важен, бидејќи ќе биде алатка за развој на економиите на двете земји, со отворање илјадници работни места за време на изградбата на гасоводот, истакна министерот за животна средина и енергија на Грција. Американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пајат го поздрави договорот „како уште еден важен пример од позитивната економска агенда што се развива меѓу Грција и Северна Македонија, заснована на визијата на  Договорот од Преспа и дополнително обезбедува сигурно снабдување со енергија за Југоисточна Европа“. Денешниот договор меѓу НЕР и ДЕСФА доаѓа по потпишаниот договор на политичко ниво на 9 јули во Атина меѓу министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас и министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши. Гасоводот предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас. Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород. Проектот се проценува дека ќе чини околу 110 милиони евра. ср/бак/ ФОТО: ДЕСФА

Остани поврзан