• среда, 25 декември 2024

Неорганизираниот пласман на земјоделските производи и ниските откупни цени и понатаму најголем предизвик за земјоделците

Неорганизираниот пласман на земјоделските производи и ниските откупни цени и понатаму најголем предизвик за земјоделците

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Неорганизираниот пласман на земјоделските производи и ниските откупни цени се само дел од проблемите со кои се соочуваат македонските земјоделци, изјави денеска претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска.

Овој тренд е забележан во последните 10 години вели Мојсовска, што ги доведува примарните земјоделски производители во ранлива положба во поглед на стопанските и деловните активности, како и нивниот животен стандард.

-Голем проблем за нас земјоделците е миграцијата и непостоењето на интерес на младите да се занимаваат со земјоделство. Загрижувачки е податокот дека миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и европските држави, особено млади и жени, достигна 50 отсто, изјави Мојсовска.

Според Пописот во 2021 година, Мојсовска вели земјава се соочува со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини, и додава дека доминира урбаното население со вкупно 1.131.356 жители, односно 61.6 отсто, додека пак, во руралните средини живеат 705.357 жители, односно 38.4 отсто. 

Посочи дека 36 отсто од оние кои живеат во рурални области се соочуваат со проблем на пристап до банкарски услуги, 24 отсто пристап до поштенски услуги, како и 20 отсто пристап до културни објекти. Основните услуги за транспорт не се достапни или се тешко достапни за населението во руралните области, вели таа, посочувајќи дека малите рурални општини имаат значителни проблеми за одржување на квалитетот и пристапот до основните услуги како што се здравствените, образовните и социјалните услуги.

-Еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор во земјата е стареењето на работната сила и немање на работници. Мораме да истакнеме дека во сите земјоделски и сточарски сектори имаме недостаток на работна сила. Таков е наметнатиот тренд каде што земјоделството е неатрактивна работа и не сакаат да бидат работници во овој сектор, рече Мојсовска.

Голем дел од фармите се заинтересирани за увоз на работници, бидејќи не можат да го постигнат обемот на работа.

-Сметаме дека во политиките и стратегиите на земјоделството треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и мора да го прилагодиме производството на новите климатски услови. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди, особено поплави, суши, екстремни температури, град и земотреси, рече Мојсовска.

Како позитивен тренд таа го истакна тоа дека земјоделците кои вистински егзистираат од земјоделството се регистрираат како мали оператори за храна и имаат додадена вредност на своите производи.

-Правилниците за мали оператори од растително и нерастително потекло се покажаа како успешна политика и поддршките кои се даваат за нивно јакнење преку Програма на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која оваа година се имплементира се покажаа како доста ефикасни мерки кои се насочени кон економско јакнене на земјоделците поготово на младите и жените, изјави претседателката на НФФ, Васка Мојсовска. ра/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан