• четврток, 26 декември 2024

Ненси Пелоси потврди дека е на пат за Азија, не го споменува Тајван

Ненси Пелоси потврди дека е на пат за Азија, не го споменува Тајван
Вашингтон, 31 јули 2022 (МИА) - Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси денеска потврди дека е на пат за Азија, без да спомене можна посета на Тајван, што може дополнително да ги заостри односите меѓу Кина и САД.
„Водам делегација на Конгресот во регионот на Индопацификот за да ја потврдам непоколебливата посветеност на Америка кон сојузниците и пријателите во регионот“, вели Пелоси во соопштение.
„Во Сингапур, Малезија, Јужна Кореја и Јапонија, ќе имаме состаноци на високо ниво за да разговараме за тоа како можеме да ги промовираме нашите заеднички вредности и интереси, поврзани со мирот и безбедноста, економскиот раст и трговијата, пандемијата со Ковид-19, климатска криза, човековите права и демократското владеење“, додаде Пелоси.
Министерството за надворешни работи на Сингапур потврди дека Пелоси и нејзината придружна делегација ќе бидат во градот-држава на 1. и 2 август.
Таа не кажа ништо за можна посета на Тајван, наведувајќи безбедносни причини. Тензиите меѓу САД и Кина се зголемуваат со недели по извештаите дека таа би можела да го посети автономниот остров што Кина го смета за дел од својата територија. Како што беше наведено, Пекинг би ја сметал нејзината посета, колку и да е кратка, како провокација. Портпаролот на кинеската војска Шен Џинке денеска го повтори тој став и рече дека одбраната на кинеската територија е „света мисија“ на војската. Во четвртокот, во телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг, американскиот претседател Џо Бајден даде уверување дека ставот на САД за Тајван не е променет, но исто така рече дека неговата земја цврсто се противи на унилатералните напори за промена на статусот или загрозување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец. Вашингтон нема дипломатски односи со Тајпеј и ги признава комунистичките власти во Пекинг како единствени претставници на Кина, но САД продаваат оружје на островот и ги фалат неговите „демократски власти“. Од друга страна, Си Џинпинг му порача на Бајден да не си „игра со оган“, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи го нарече одењето на Пелоси во Тајван како „црвена линија“. Посетата на Ненси Пелоси доаѓа во период кога воените тензии растат во регионот. Војската на Тајван оваа недела ги спроведе своите најголеми годишни воени вежби, кои вклучуваат симулирање на пресретнување кинески напади од морето. Во исто време, американскиот носач на авиони „Роналд Реган“ и неговата флота го напуштија Сингапур и се упатија кон Јужното Кинеско Море како дел од претходно планирана операција. Кина вчера организираше воена вежба со боева муниција во Тајванскиот теснец. паг/

Остани поврзан