• недела, 24 ноември 2024

Нема француско-германски судир, тврди шефот на француската дипломатија 

Нема француско-германски судир, тврди шефот на француската дипломатија 

Париз, 2 март 2024 (МИА) - Нема француско-германски судир, уверува францускиот министер за надворешни работи, Стефан Сежурне, во интервју за весникот „Монд“.

Дипломатот нагласува дека нема поделби меѓу Франција и Германија и покрај разликите што ги покажаа нивните лидери Емануел Макрон и Олаф Шолц околу Украина. 

-Нема француско-германски судир, ние се согласуваме за 80 отсто од прашањата, уверува Сежурне.

Највидливата коска на расправија сега се однесува на формата на помош што треба да и се даде на Украина во време кога американската помош од 60 милијарди долари останува блокирана од Конгресот, забележуваат француските медиуми.

На конференцијата во Париз, во понеделникот, организирана за начините на помош за Украина, се доби впечаток дека францускиот претседател Емануел Макрон индиректно ги критикуваше земјите, како Германија, кои долго време се двоумат да достават тешко оружје за Украина.

-Разговарав со колешката Аналена Бербок, ќе се видиме следниот вторник во Париз. Постои желба за разговор, изјави Сежурне. „Нема драма бидејќи имаме иста цел – поддршката за Украина“, додаде тој.

Сежурне, исто така, ја отфрли идејата дека дискусиите за воено присуство во Украина имаат предизборни цели пред гласањето за Европскиот парламент во јуни. 

-Прашањето не е изборно, туку егзистенцијално. Украина е во центарот на предизборните дебати бидејќи има разлики по ова прашање. Би сакал тоа да не биде така и да има широк консензус меѓу партиските поделби , рече Сежурне. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан