• четврток, 26 декември 2024

Нема платени реклами за претседавањето со ОБСЕ, станува збор за стручна поддршка, изјави Османи

Нема платени реклами за претседавањето со ОБСЕ, станува збор за стручна поддршка, изјави Османи

Скопје, 9 јануари 2023 (МИА) - Нема никакви платени реклами за претседавањето на земјава со ОБСЕ, но бидејќи овој историски момент е од особено значење за нашата држава ги замоливме телевизиите кои можат бесплатно да ги емитуваат, порача министерот Бујар Османи на денешната прес-конференција, додавајќи дека рекламни кампањи не треба да се сфаќаат како презентација на работата на МНР или Владата, туку дека станува збор за стручна поддршка.

ОБСЕ е најголемата регионална безбедносна организација на светот. Добивме шанса една мала земја да ја предводи најголемата регионална организација во која се членки и САД, и Русија, и Украина и сите земји на Европската Унија и Централна Азија - 1,3 милијарди луѓе. Организацијата која ги претставува овие луѓе, ние ќе ја предводиме во текот на оваа година и целта ми беше да не биде тоа само претседавање на Министерството за надворешни работи, туку целото општество да се вклучи во ова, бидејќи е одлична можност да ја претставиме Северна Македонија во текот на оваа година. Сите кои претседавале ја искористиле можноста да ја промовираат својата земја и тоа беше идејата на таа еднонеделна кампања во која воопшто не го претставувавме Министерството, не ги претставувавме политиките на Владата, туку ОБСЕ, со цел да ги вклучиме сите, појасни министерот.

Тој информира дека досега не се исплатени никакви пари на маркетинг агенција за кампањата, но дека е потребна поддршка со оглед на тоа дека годинава следат многу големи и значајни настани.

- Не се испатени парите на маркетинг агенцијата за кампањата, бидејќи штотуку е потпишан договорот. Инаку да објаснам, имаше погрешни интерпретации. Тоа не е поддршка за Пи-Ар и презентација за работата на Министерството или моја, туку тоа е стручна поддршка во делот на организирањето на настани, а ќе има бројни и внатре и низ регионот на ОБСЕ, а ќе заврши со најголемата конференција која било кога се случила во Северна  Македонија, на која што очекуваме 70 министри за надворешни работи и е еден од најголемите предизвици за сите претседавачи, а особено за мала земја како што сме ние. Така што ќе ни треба сериозна поддршка во тој дел, потенцира Османи. свс/сп/

Остани поврзан