• петок, 27 декември 2024

Нема нови учебници за седмо и од септември ќе се учи по старата програма, ќе се ревидира Концепцијата за основно образование

Нема нови учебници за седмо и од септември ќе се учи по старата програма, ќе се ревидира Концепцијата за основно образование

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Учебници за седмо одделение по новата програма ќе нема бидејќи, според информациите на министерката за образование и наука Весна Јаневска,  ниеден учебник не е пратен на печатење, а за некои не е завршена ни процедурата на одобрување, односно не се напишани или не е помината рецензија.

-Уште првиот ден кога влегов во Министерството за образование и наука, прва задача ми беше да видам што се случува со учебниците. Иако имаше информации дека сè е во ред, за жал, тоа не беше така, изјави министерката Јаневска во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Проблемот, вели таа, е кај учебниците за седмо одделение, додека останатите веќе се дистрибуираат.

-За седмо одделение нема да печатат ниту еден единствен учебник, ниту еден не е предаден за печат, а колку што разбрав, за одреден број учебници процедурата не е завршена, некои не се напишани, кај некои не е помината рецензијата, не е поминато ниту во БРО, ниту во национална комисија, што значи дека апсолутно никаква, ни минимална шанса нема да се стигне, ниту за еден учебник до 1 септември, вели Јаневска. 

Разговарала со стручни лица од Бирото за развој на образованието кои и потврдиле дека постои компатибилност на старата и новата програма и добила уверување дека децата нема да имаат никаква штета доколку во седмо одделение продолжат да учат по старата програма, со тоа што, како што вели, можеби ќе треба да се доработат одредени теми што ги немало претходно.

- Во овој момент продолжуваме да разговараме за тоа дали ќе може да се премине во следното одделение, со оглед на таа мала разлика која ја има во новата програма во однос на старата. Децата од септември ќе учат со овие учебници со кои учеле децата оваа година, односно по стара програма. Тие ќе ги добијат тие учебници. Доколку навистина одлучиме дека има потреба некои теми да се вклучат, а ги нема, Бирото ќе изработи материјали, додава министерката во интервјуто. 

Таа потврдува дека ќе се прави ревизија на Концепцијата за основно образование, донесена во март 2021 кога на чело на МОН беше Мила Царовска. Рокот би траел најмалку една година или малку подолго, но, како што вели, „би одел постепено, одделение за одделение, како што и сега се случува“.

За ревизијата посочува дека ќе биде инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени и стручната јавност и практичарите, и дека во изминатите години веќе собирале искуства од наставниците и родителите, како и од повозрасните ученици. На оваа тема се разговарало и на состанок во Бирото за развој на образование пред неколку дена. 

Според Јаневска, во Концепцијата „најпроблематична е интеграцијата на предметите“ што, вели, „не беше прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари“. Тоа, според неа, не значи дека интегрирањето не е добро, но дека кај нас е „неизводливо и многу комплицирано“.

-Јас не наоѓам сериозна мана во наставните планови, програмите се друга работа, но тоа во Македонија е неизводливо, таков принцип не им е близок ниту на учениците, ниту на наставниците, ниту на родителите, тоа ги збунува и кај нив буди револт... Сепак, начинот на поврзување на тие теми може да биде остварен и преку постоење на посебните предмети, хоризонтално поврзување, обработка на една тема во македонски јазик, во историја, во географија… Тие, секако, може да се поврзат, но проблемот беше не толку во програмите, иако наставниците и од дел од програмите не се задоволни затоа што се тие практичари и гледаат како децата можат да го совладаат и тоа ќе биде предмет на ревизијата. Но, наставните планови создадоа сериозни забуни и проблеми кај наставниците и оттука не е никаков проблем тоа да го промениме, а поврзаноста да ја задржиме. Сметам дека и Бирото ќе се согласи со тоа и ќе може да го направиме, иако нè чека многу голема и многу сериозна работа, додава Јаневска во интервјуто за „360 степени“.

Новоизбраната министерка укажува и дека е потребна нова Национална стратегија за образование во која ќе се постават принципи за создавање квалитетен образовен систем во државава и дека тоа е една од целите во владината програма. 

- Тоа би сакала да биде документ на којшто ќе се потпишат повеќето или сите политички субјекти, да го прифатат како програма за развој на образованието и постигнување на повисок квалитет и, секако, доколку го постигнеме тој консензус, би било добро да го прифати и Собранието, вели Јаневска.

Се чувствува подготвена да го води ресорот образование за кое вели дека е општопознато оти е во многу лоша состојба. Смета дека со своето знаење може да направи сериозни промени.

- Јас немам намера да имам политичка кариера. Впрочем, и моите години го покажуваат тоа. Мојата намера е да направам вистински и долготрајни реформи во образованието со консензус на сите чинители во образованието, за да имаме успех и квалитет во образованието на младите луѓе, со цел тие, својот придонес и својот потенцијал да го развиваат овде и својот придонес да го дадат во својата татковина. Мојата единствена амбиција е, со оглед на тоа дека сè што сум сакала во животот сум постигнала, да направам нешто добро за државата, односно за младите луѓе кои треба да ја наследат државата и во иднина да ја водат. Со оглед дека навистина е многу тежок ресорот, сметав дека имам доволно искуство и доволно знаење, но и го надградив тоа знаење со работата во Комисијата за образование и наука во партијата, па така и се почувствував спремна да го водам навистина многу тешкиот ресор, истакнува министерката за образование и наука. хс/бак/

Фото: „360 степени“

 

 

Остани поврзан