• четврток, 26 декември 2024

Нема нови згрижувачки семејства во Прилеп, треба да се поттикне свеста кај граѓаните за хуманоста, а државата нуди погодности

Нема нови згрижувачки семејства во Прилеп, треба да се поттикне свеста кај граѓаните за хуманоста, а државата нуди погодности

Прилеп, 21 март 2021 (МИА) - Прилеп е меѓу градовите со најголем број згрижувачки семејства, но сега нема интерес за пријавување нови кои би згрижувале деца. Од прилепскиот Центар за социјални работи нагласуваат дека има доста поволности што ги нуди државата, но треба да се работи на свеста и совесноста кај граѓаните за хуманоста при згрижувањето.

Според Дејан Тошески, директор на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Прилеп, остануваат оние 18 згрижувачки семејства кои со години им нудат грижа и љубов на децата. Сега се згрижени 28. Повлечени се децата од институциите и се во семејства, но ако сакаме да продолжи тој процес на деинституционализација, потребни се нови семејства за згрижување. Досегашните кои работат со години се на возраст од преку 50 години. Пандемиската година ги заостри работите.

- Прилеп беше лидер по бројот и интересот за згрижување. Сѐ уште имаме добра база на згрижувачки семејства, но овој изминат период особено е намален на нови згрижувачки семејства. нема нови згрижувачки семејства, ниту има поднесени барања за заинтересирани нови згрижувачки семејства. Факт е дека ни требаат нови згрижувачки семејства, досегашните стареат, се со цел да го одржиме процесот на деинституционализација за која се залага Министертвото за труд и социјална политика целиот изминат период. Сите деца ги повлековме од институциите, Немаме деца таму сместени, но сепак за да го одржиме процесот на деинституционализација, за да не се доведеме до ситуација повторно институциите да го заземат местото за згрижување на децата, мора да имаме нови згрижувачки семејства. За жал, пандемијата нѐ ограничи во соработката со странките. Се надевам дека во следниот период ќе имаме поголема заинтересираност. Ќе вклучиме нови згрижувачки семејства во процесот на згрижување на оние лица кои ја имаат таа потреба, објаснува Тошески.

Од Центарот не знаат на што се должи незаинтересираноста. Оттаму велат дека државата нуди погодности, ги прошири критериумите и специјалностите во згрижувањето, а сега треба интензивно да се работи на свеста и совесноста за хуманоста од згрижувањето.

- Едноставно, во даден момент е опаднат интересот. Не може да кажеме зошто е тоа така. Факт е дека државата ги нуди поволностите за згрижувачките семејства. Се воведе надоместокот за родител-старател кој се грижи за дете со попреченост, згрижувачите, со навршување на 62, односно 64 години за пензија, доколку 15 години биле згрижувачи, им следува пензија од државата, редовно се исплаќа надоместот за згрижувачите во зависност од бројот на децата кои се згрижени. Со новите правилници се формирани повеќе видови згрижувачки семејства: општо, специјализирано за деца-жртви на насилство, за стари лица и роднинското згрижување на деца дополнително вклучено за надомест од државата. Државата со своите капацитети прави добра основа. Сега треба малку да се поработи на совеста кај граѓаните, да се каже што е тоа згрижување кое е сепак, хумана работа. И кај тие што биле скептици, по згрижувањето, се развива љубов спрема децата, емоцијата си има своја страна. Механизмите се во полн капацитет, Центарот работи, се формира ресурсен центар за поддршка на згрижувачи во Битола, рече Тошески.

Тој истакува дека мора да се поработи на совеста кај граѓаните за згрижување и не само деца, може да се згрижат и стари лица.

- Во зависност од згрижувањето, сумата варира, како надомест, од 8 000 денари па нагоре. Зависи колку деца се згрижени, дали децата се со попреченост, далис е работи за стари лица. Згрижувањето не е бизнис, туку хумана категорија која, секој кој има можност, да ја извршува, вели директорот на прилепскиот Центар за социјални работи, Дејан Тошески. ем/фф/

Остани поврзан