• сабота, 23 ноември 2024

Нема кандидат за претседател и за вториот круг на гласање во албанскиот Парламент

Нема кандидат за претседател и за вториот круг на гласање во албанскиот Парламент
Тирана, 22 мај 2022( МИА) - Ќе пропадне и вториот круг на гласање за нов претседател на Албанија, предвиден за утре во 18 часот откако владејачките социјалисти и опозицијата не постигнаа договор за консензуален кандидат. Денеска до 16 часот беше крајниот рок за доставување предлог- кандидатури со потписи на 20 пратеници, но официјално не е поднесена ниту една. За разлика од вторникот кога се договорија да продолжат разговорите, претставниците на парламентарните групи на власта и опозицијата сега ги прекинаа разговорите, бидејќи, според координаторот на пратеничката група на Демократската партија, Енкелејд Алибеај социјалистите не го почитувале договорот постигнат со консензус. И координаторот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, потврди дека нема договор, додавајќи дека не може да разбере зошто ПД се повлекува од договорот и оти треба да биде поодговорна. Додаде дека во четвртиот круг ќе биде избран новиот шеф на државата, бидејќи ги имаат потребните 71 глас во Парламентот. За избор на шеф на државата Уставот предвидува пет кругови на гласање. Во првите три потребно е кандидатот за претседател да добие поддршка од 84 пратеници од вкупно 140 колку што брои парламентот, кои социјалистите ги немаат. Во следните два, претседател се избира со просто мнозинство, односно 71 глас. Мандатот на актуелниот претседател, Илир Мета, завршува на 24 јули. вт/ссм/

Остани поврзан