• среда, 25 декември 2024

Нема алтернатива за дијалогот Белград-Приштина со посредство на ЕУ, порача Ескобар 

Нема алтернатива за дијалогот Белград-Приштина со посредство на ЕУ, порача Ескобар 

Брисел, 12 март 2024 (МИА) - Гледано од перспектива на САД, не постои алтернатива на дијалогот меѓу Белград и Приштина што се води со посредство на ЕУ за надминување на предизвиците во нивните билатерални односи, изјави денеска американскиот заменик помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западниот Балкан, Габриел Ескобар.  

- Продолжувањето на дијалогот е главниот механизам за надминување на разликите. Ги охрабрувам двете страни да ги почитуваат постигнатите договори и да ги имплементираат, особено оној постигнат во Охрид и да покажат добра волја за воздржување од провокации што би ги поткопале овие договори и би создале нови тензии, нагласи Ескобар на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.  

Тој истакна дека во Брисел имал средби со претставници на НАТО и ЕУ, меѓу кои и со специјалниот претставник на Унијата за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, по што ќе замине за Приштина каде со тамошните власти ќе разговара за можностите за надминување на проблемите предизвикани со одлуката на косовската Централна банка за забрана на употребата во Косово на други валути освен еврото. Ескобар нагласи дека потоа во Виена ќе има средба со претставници на ОБСЕ и ОДИХР, по што ќе замине за Подгорица, каде ќе изрази поддршка на сегашната Влада и нејзината посветеност на НАТО и членството на земјата во ЕУ.  

Во врска со одлуката на косовската Централна банка со која се забрануваат трансфери на средства во српски динари во Косово, Ескобар нагласи дека таа предизвик многу проблеми за граѓаните, што претставува причина за сериозна загриженост на меѓународната заедница, која властите во Приштина треба сериозно да ја земат предвид.  

Според него, САД не ја оспоруваат легитимноста на одлуката, туку начинот на која таа беше донесена и имплементирана без да се понудат алтернативи за плаќањата кои граѓаните ги добиваат од Србија, со што тие се ставени во неизвесност.   

- Две недели пред објавувањето на оваа одлука, Косово и другите земји од регионот за време на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Скопје се договорија за воспоставување механизам за плаќање до крајот годината. Ако Косово почекаше, тој механизам за електронски плаќања ќе беше воспоставен, изјави Ескобар, додавајќи дека меѓународната заедница се обидува со косовската Влада да најде решение за оваа катастрофална одлука што создаде хаос.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска во Загреб изјави дека Србија не се преправа дека сака да ги подобри односите со Загреб.

Ескобар нагласи дека со игнорирање на дијалогот, Косово ги игнорира партнерите во ЕУ и во такви услови не може да очекува напредок во процесот на евроинтеграција. 

- Многу сум загрижен дека Косово не ја слуша американската понуда за партнерство и за понатамошна и побрза интеграција, додаде Ескобар, нагласувајќи дека доколку нема резултати и од двете страни, тие со тоа ќе ја забават својата евроинтеграција. 

Според Ескобар, американската политика кон Западниот Балкан не е променета, но предизвиците по европската стабилност предизвикани од руската агресија врз Украина, ги поттикнала САД да го забрзаат решавањето на отворените прашања во регионот.  

- Сакаме поголемо интегрирање на Србија во евроатланските структури, но сакаме и да бидеме сигурни дека со тоа нема да ги жртвуваме нашите други партнерства и сојузништва во регионот, а Косово е наш многу важен партнер. Би сакале и Србија и Косово да бидат продуктивни членки на евроатланската заедница и да имаат предвидливи и мирољубиви односи. Патот до тоа, како што реков и претходно, е дијалогот со посредство на ЕУ, додаде Ескобар. 

Во однос на можноста за влез на Демократскиот фронт во црногорската Влада, Ескобар изјави дека на е на САД да решаваат кои партии ќе го формираат владиниот кабинет во земјата, но дека оваа партија не е вистински партнер каков што посакува Вашингтон во врска со евроатлантските интеграции. 

- Црна Гора е предводник во евроинтеграцискиот процес и многу солиден партнер на НАТО, а оваа партија најавува дека ќе го преиспита членството на Црна Гора во НАТО, ги блокираа реформските пакети неопходни за членството во ЕУ и велат дека ќе ја повлечат одлуката за признавање на Косово, што би предизвикало дополнителни тензии во регионот, истакна Ескобар. 

Според него, САД не гледаат промени во однесувањето на Демократскиот фронт и негова посветеност на евроатлантските вредности, па оттаму влегувањето на таква партија во Влада на земја партнер би било причина за загриженост. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан