• среда, 27 ноември 2024

Неколку членки на ЕУ бараат на Унгарија да и се одземе претседавањето со Унијата

Неколку членки на ЕУ бараат на Унгарија да и се одземе претседавањето со Унијата

Брисел, 10 јули 2024 (МИА) - Полска, Германија и балтичките членки на Европската унија бараат унгарскиот премиер Виктор Орбан да биде „отстранет од претседателството на Унијата“, пишува италијанскиот весник „Кориере дела сера“, кој се повикува на претставници на ЕУ и на некои медиуми.

Весникот наведува дека за ова требало денеска да разговараат амбасадорите во Политичкиот комитет на Унијата, а клучна причина за незадоволството на мнозинството меѓу европските дваесет и седум земји е тоа што посетата на Орбан на Русија и Кина не била координирана со Советот на ЕУ.

Според „Кориере дела сера“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајнецајтунг“ и бриселскиот портал „Политико“, евроамбасадорите размислувале да испратат „јасно предупредување до Будимпешта“, но унгарскиот министер за Европа Јанош Бока изјавил дека таков предлог „не бил на маса“ на амбасадорската средба.

Италијанскиот весник наведува дека претседавањето со ЕУ да и се одземе на некоја членка е „тешко, но не и невозможно“, бидејќи тоа би требало да го усвојат 20 земји од ЕУ, кои претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ-27.

„Кориере дела сера“ објаснува дека „Орбан веќе ги налути своите партнери во ЕУ затоа што како слоган за унгарското претседателство со Унијата го стави 'Да ја направиме Европа повторно голема'“, што е многу слично со слоганот на Доналд Трамп во кампањата за претседателските избори во САД - „Да ја направиме Америка повторно голема“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан