• понеделник, 23 февруари 2026

Неколку стотини маски дефилираа на карневалот Прочка во Прилеп, ги предводеа Мечкарите

Неколку стотини маски дефилираа на карневалот Прочка во Прилеп, ги предводеа Мечкарите

Прилеп, 22 февруари 2026 (МИА) - Со неколку стотини маскирани од земјава и странство во Прилеп по 25-ти пат денеска се одржа карневалот „Прочка“.

Дефилето на маските низ центарот на Прилеп традиционално го предводеа прилепските мечкари кои се заштитена маска на карневалот, но и како нематеријално културно наследство.

Со дефилето и обредниот ритуал на бркањето на злите духови, прилепските мечкари ја потврдија стогодишната традиција, која, велат ќе продолжи да живее и преку подмладокот што го имааат.

-Навистина е голема традицијата и цврсто се одржува. Радосен сум што карневалот го вративме на меѓународната сцена. Ни пристигнаа и учесниците од повеќе градови од Македонија, но и од Србија, Бугарија, нагласува Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ кое е организатор на прилепскиот карневал.

Претседателот на европската асоцијација на карневалските градови Ларс Алгел изрази задоволство што е повторно во Прилеп по 10-тина години.

-Навистина сум среќен што направивте убав старт на карневалот и имам посебни чувства што сум тука присутен и уживам во карневалот на маските, порача Алгел.

Според прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски, се враќа сјајот на Карневалот и празнувањето на Прочка во Прилеп што во себе го носи простувањето.

-Маските се одраз на сето она што се случувало во текот на годината. Да се избрише лошото, да се остави простор за доброто. И да се простува. Прилепскиот карневал го враќа сјајот на меѓународната сцена и ќе се потрудиме уште повеќе да го збогатуваме, рече Проданоски.

Жири комисија ќе ги прогласи најдобрите маски. И на централното карневаско дефиле, и од детскиот карневал.

Прилепските мечкари ги поканија учесниците утре, на чисти понеделник, на традиционален посен ручек- посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе се означат и Велигденските пости. ем/ев/

ФОТО: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан