• четврток, 26 декември 2024

Неколку инвеститори во карбинската Индустриска зона се пред раскинување на договорите за градба

Неколку инвеститори во карбинската Индустриска зона се пред раскинување на договорите за градба

Карбинци, 6 септември 2023 (МИА) - Неколку од инвеститорите во индустриската зона во општина Карбинци се пред раскинување на договорите, оти не извадиле дозволи за градба. Други, пак, веќе ги поднеле своите барања и нивниот процес е пред издавање одобренија. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, вели дека по нивните реакции за тоа дека иако индустриската зона е целосно распродадена, ретко кој гради, ситуацијата е делумно променета. Оние парцели за кои договорот ќе се раскине, повторно ќе се стават на продажба.

-По нашите неколку медиумски реакции коишто ги упативме до јавноста, а и до самите тие инвеститори, имаме неколку подобрувања во овој дел. Неколку барања се веќе на системот за одобрение за градба согласно со нивните потреби и тие се пред издавање одобренија. Некои од потенцијалните инвеститори се веќе пред раскинување на договор, со нив сме пред раскинување на договорот што го имале кога ги купувале овие парцели. Во идно време доколку се раскинат договорите, плацевите коишто ги поседува Општина Карбинци ќе бидат повторно ставени на продажба и на можност за инвеститорите да ги купат и да инвестираат согласно со планот кој го има Општината за оваа индустриска зона, вели  Паунов.

По раскинувањето на договорите, Општината треба да врати 20% од финансиските средства, а инвеститорите треба да платат пенали кон општината. Ова следува за оние кои не одговориле на три последователни опомени.

-Очекуваме Правобранителството да постапи согласно со Законот, да се раскинат овие договори и да се вратат средствата, оној мал процент којшто ние треба да го вратиме кон тие инвеститори, да се наплатат пеналите коишто тие треба да ги платат кон Општината и да започнеме постапка за повторно отуѓување на плацевите, рече Паунов.

Индустриската зона на потегот помеѓу селата Долни Балван и Таринци е распродадена уште пред три години, а просторот е предвиден за лесна и незагадувачка индустрија. Инаку, се прават напори да се развие уште една индустриска зона на територија на општината. вдј/сх/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан