• сабота, 23 ноември 2024

Некогаш забранетите вратоврски се враќаат во Иран

Некогаш забранетите вратоврски се враќаат во Иран

 

 Хина


Мухамед Џавад пристигнува со својата мајка во бутик во богато соседство во северен Техеран . Тој првпат бара вратоврска која одамна е забранета во Иран, како симбол на западната декаденција.

- Во нашето општество, носењето вратоврска би било како носење маска пред времето на Ковид. Луѓето ве гледаат чудно, затоа што негативниот став сѐ уште е присутен... Мислам дека мажот изгледа „фраерски“ со вратоврска. За жал, ние Иранците си наметнавме чудни и непотребни ограничувања. Потребно е време тоа да се промени, но се надевам дека ќе се случи тоа, рече тој додека продавачот избираше костум за него.

Правилата на облекување ги брануваа страстите во Иран, особено кога станува збор за ограничувањата за жените кои долго време морале да носат скромна облека и шамии.

Тоа се сметаше за симбол на Западот

Повеќето мажи Иранци сѐ уште одбиваат носење вратоврски. Иранските власти го забранија тој моден додаток по Исламската револуција од 1979 година, сметајќи го за симбол на западната култура. Иако вратоврската полека се враќа, владините претставници и повеќето ирански мажи сѐ уште не сакаат да ја носат.

Во продавницата „Загрос“ на авенијата „Нелсон Мандела“ во Техеран, изложени се вратоврски во различни бои, од волна, памук или свила.

- Ние продаваме околу стотина вратоврски месечно. Поголемиот дел го увезуваме од Турција, но дел се произведени во Иран. Купувачите ги набавуваат за забави или за на работа. Во оваа населба ќе видите, секој петти маж носи вратоврска. Повеќе луѓе деновиве носат вратоврски во споредба со претходните десетлетија, вели заменик-ракводителот на продавницата, Мухамед Арџманд.

Неодамнешните немири „не влијаеа на продажбата, според ракводителот на трговката подружница, Али Фатахи. Тој ги има предвид протестите предизвикани од претепувањето на Макса Амини, која беше уапсена од властите поради тоа што, според наводите, била несоодветно облечена.

Нашите купувачи кои носеа вратоврски претходно, сѐ уште го прават тоа и редовно доаѓаат кај нас за да купат нови.

Знак на декаденција

- Иранските шиитски свештеници кои дојдоа на власт во 1979 година го забранија носењето вратоврски бидејќи, според нивното мислење, тоа е неисламско и декадентно. Краватата ја претставуваше суштината на западната облека наметната од соборениот шах, изјави продавач, кој побара да остане неименуван.

Откако беа отсутни со децении, вратоврските повторно се појавија на некои излози за време на ерата на реформистичкиот претседател Мухамед Катами, 1997 - 2005 година.

Министрите, високите државни службеници и раководителите на државните компании и денес не носат вратоврски со нивните одела, туку се одлучуваат за кошули со закопчани или отворени јаки. Адвокатот Масуд Молапанах вели дека „носењето вратоврска под никакви околности не е кривично дело“ според уставот или исламскиот шеријатски закон.

- Но, постојат ограничувања за облекување на одредени места како телевизијата, додава тој.

Џавад, додека избира вратоврска, го следи неговата мајка која носи никаб. Таа не само што го поттикнува да носи кравата, туку бара од продавачот да ја научи како правилно да ја врзува, за да може потоа да му помогне на синот ѝ.

- Во одредени фази, некои се трудеа многу да го отстранат (овој моден детаљ). Причината беше да се отфрли каков било знак на западно влијание. Но, во тој случај, и оделото треба да се отфрли и да се вратиме на традиционалната облека што се носела во историјата, што е очигледно невозможно, рече насмеан 50-годишен државен службеник кој сакаше да остане неименуван.

„Вратоврската носи респект“

Механ Шарифи, одговорен за друга продавница во близина - „Пјер Карден“, вели дека многу млади луѓе биле ентузијасти околу вратоврската.

„Вратоврските носат престиж, многу луѓе ги купуваат“, велат синот и внукот на кројачот, покажувајќи ја стогодишната ѕидна фотографија од својот дедо како носи кравата.

„Потрошувачите доаѓаат да си купат одела, а ние ги советуваме која вратоврска оди со оделото. Други купуваат (кравати) како подарок“, додаваат тие.

Во некои елегантни кафулиња, црната вратоврска или пеперушка е дел од униформата на келнерот, а ги носат и лекарите во неколку населби во Техеран. Од друга страна, краватите се речиси задолжителни за Иранците кои работат во амбасади и некои странски компании, иако повеќето од нив ја соблекуваат кога ќе излезат на улица.

Садик (39), вработен во јапонската амбасада, вели дека става вратоврска само кога ќе пристигне на работа.

- ...Затоа што носењето вратоврска во јавност не е вообичаено во Иран. Ако се облечете така и одите по улица, сигурно ќе привлечете внимание. Луѓето ќе мислат дека сте или странец или некој што оди на многу формален состанок со непознати, појасни Садик.  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан