• среда, 27 ноември 2024

Незаконски разрешувањата на директорите на Токсикологија и Кардиохирургија, се чека решение за хируршките сали 

Незаконски разрешувањата на директорите на Токсикологија и Кардиохирургија, се чека решение за хируршките сали 

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) -  Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) најави дека до надлежните органи ќе покрене иницијатива за одговорност на министерот за здравство Илир Демири, откако ги прифати пријавите оти се неосновани разрешувањата на директорите на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски и на Клиниката за кардиологија, Марјан Шокаровски.  

ДКСК констатираше дека со двете одлуки на Демири, прекршени се Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита. Повреден бил и Изборниот законик, со оглед на тоа што во двата случаја, директорите биле разрешени со решенија донесени - од 14 мај односно 27 мај, пред усвојувањето на заклучокот за завршување на изборите за пратеници во Собранието од 30 мај.

И во двата случаја, како што е посочено, не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата. Требало да има предлози за разрешување од управните одбори до здравствените совети на овие установи.

Цвета Ристовска, член на ДКСК, во образложение за оформениот предмет по пријавата за Токсикологија  посочи дека причина за разрешување на медицинскиот директор била „несовесно постапување“ и заради непродолжување на договорите на дело за 18 лица на Клиниката. Иако на 30 април била изречена забрана на оваа ЈЗУ за пристап на лица без договори за вработување, како што појасни таа, 11 здравствени работници продолжиле да се евидентираат во електронски систем без склучени договори. На 23 мај при вонреден инспекциски надзор, утврдено било дека се склучени договори на дело со 11 лица кои биле потпишани само од организациски директор, иако според Законот за здравствена заштита, должноста ја извршуваат и медицинскиот и организацискиот. Договорите за дело со 11-темина, како што посочи Ристовска, се склучени спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита.

Заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева вчера на средба со дел од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Токсикологија дискутирано за состојбата и функционирањето на Клиниката. Манолева, како што информира Министерството за здравство, побарала од стручниот и лекарскиот колегиум да дадат предлог за именување медицински директор.

Според Демири, не би требало да се вратат во градинка, децата кои се невакцинирани.

Претходно, министерот за здравство Демири за разрешувањето на Петровски кажа оти не е политичка кампања. Доколку го разрешел директорот пред изборите, како што рече, тогаш ќе било сфатено како политичка кампања. Од Министерството за здравство соопштија дека Петровски бил разрешен од вршител на должност - директор поради неправилности во работата, но, ќе продолжел да работи на Токсикологија.

Демири демантираше и дека е политичка пресметка  разрешувањето на директорот на Државната кардиохирургија. Тој рече дека Шокаровски е разрешен по информации за поголема смртност на оваа клиника, нерегуларно внесени пациенти во „Мој термин“, но и поради нарушени меѓучовечки односи во неа.

- Моето разрешување е незаконско, бидејќи во техничка Влада, не може ниту да се именуваат, ниту да се разрешуваат директори, изјави Шокаровски на прес-конференција.

Тој нагласи дека не се точни наводите оти смртноста се зголемила откако тој е назначен за директор. Според него, станува збор за оркестриран напад со цел да се уништи државната кардиохирургија. Шокаровски демантираше и дека постојат 170 фантомски пациенти.

- Единствено на нашата клиника се изведуваат повеќе врвни кардиохируршки процедури, меѓу кои е и трансплантацијата на срце, на која сите треба да сме горди. И кога сме кај статистиката, процентот на преживување е подобар од светскиот просек. Некои подмолни сили сакаат овој напредок да го омаловажат и изгаснат, додаде докторот.

Во меѓувреме, во јавноста се очекува решавање на проблемот со хируршките сали на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“.  За неработењето на операциони сали на Клинички и препраќањето на пациенти во Градската општа болница „8 Септември“ и во Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“, отворен е предмет во Јавното обвинителство. Повеќепати беше изразена надеж дека ќе се утврди во што лежи проблемот, каде е дефектот и од каде се шири непријатна миризба во салите. 

Заменичката на министерот за здравство, Манолева претходно изјави дека бил постигнат договор, да работи една наместо две операциони сали, но, во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали. Таа соопшти и дека побарала од директорите да доставуваат извештаи за сработени итни, елективни интервенции, направени на секоја од клиниките посебно.

На 6 јуни, Министерството за здравство информираше дека Владата на седница ја разгледала и ја усвоила информацијата за состојбата во хируршките клиники при Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во врска со проблемот со компресорската станица, како и за досега преземените активности и мерки, со цел негово надминување. Притоа, донесен бил заклучок за замена на опремата на централната компресорска станица со нова опрема, како и за дислокација на станицата.

- Се укажува, јавните установи од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар - Скопје, да спроведат замена на опремата на централната компресорска станица со нова опрема, како и замена на инсталацијата и дислокација на централната компресорска станица. Се укажува, јавните установи од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар - Скопје во рок од една недела да достават до Владата на Северна Македонија оперативен план за спроведување на активностите, беше наведено во заклучоците од седницата.

Покрај секторските случувања околу функционалностите во Клиничкиот центар, вчера беше алармирано и за инфраструктурен проблем, откако се урна ѕид кај Клиниката за детски болести. Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера апелираше до надлежните институции, да се координираат и веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Клинички, што е во лоша состојба и дел од него е срушен.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека со најлошо сценарио, може да дојде до рушење не само на ѕидот, туку и на дел од улицата по која минуваат возила.

- Може да дојде до поголема трагедија каде ќе бидат опфатени и возила. Во опасност се човечки животи, здравје, но и човечки имот, мислејќи на паркираните возила под ѕидот, појасни Ангелов. бд/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан