• четврток, 26 декември 2024

Недозволувањето влез на патријархот Порфириј во Косово е спротивно на принципите на едно демократско општество, порача Стано 

Недозволувањето влез на патријархот Порфириј во Косово е спротивно на принципите на едно демократско општество, порача Стано 

Брисел, 13 мај 2024 (МИА) - Одбивањето да му се дозволи влез на поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј во Косово е во спротивност со фундаменталните принципи на кое било мултиетничко и толерантно демократско општество, изјави денеска главниот портпарол на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Посетата на патријархот Профириј беше најавена согласно релевантните договори од дијалогот и требало да му биде дозволен влез, рече Стано. 

Според него, со ваквата одлука, косовските власти не само што го прекршиле договорот за официјални посети од 2014 години, туку и бесрамно го игнорираат значењето што Српската православна црква го има за дел од жителите на Косово. 

- ЕУ продолжува да го повторува својот повик за целосна и безусловна имплементација на сите договори и обврски усогласени во дијалогот, вклучително и оние за официјални посети, потенцира Стано.  

Тој додаде дека иако утрешната рунда од разговорите поврзана со изнаоѓањето решение за надминување на проблемите предизвикани со одлуката на косовската Централна банка за прогласување на еврото за единствена легална валута во Косово има целосно пополнета агенда, сепак, како и секогаш, ЕУ нема да ја пропушта можноста да пренесе некои пораки, очекувања и незадоволство од одредени постапки на која било од страните. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан