• четврток, 26 декември 2024

Неделковски: УКЛО-Битола прв македонски универзитет член на Европска универзитетска алијанса

Неделковски: УКЛО-Битола прв македонски универзитет член на Европска универзитетска алијанса

Битола, 2 октомври 2023 (МИА) - Новата академска година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ја почнува како прв македонски универзитет кој стана дел од Европска универзитетска алијанса, истакна ректорот на битолскиот Универзитет, проф. д-р Игор Неделковски, на првиот академски час што се одржа на ФИКТ-Битола.

Со членувањето во Европска универзитетска алијанса, студентите на УКЛО ќе имаат можност во наредните четири години дел од студирањето да го минуваат и на девер други европски универзитети, нагласи ректорот Неделковски.

-Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ја задржува традицијата и квалитетот, а успеавме бројот на студенти да биде континуитет на претходните години, што значи дека и покрај демографските намалувања, бројот на студенти остана константен. Според бројот на запишани студенти, годинава Факултетот за информатички и комуникациски технологии-ФИКТ далеку предничи во однос на останатите факултети, односно техничките науки имаат позитивен тренд. Стратешка определба на УКЛО е да се зголеми бројот на запишани студенти од странство, каде на пример годинава на докторските студии има 65 запишани странски студенти, рече ректорот Неделковски.

Со влезот во на УКЛО во Европската универзитетска алијанса, нагласи тој, ние ставаме акцент на академските европски активности и проекти.

На првиот академски час, студентите на ФИКТ-Битола ги поздрави и градоначалникот Тони Коњановски и најави создавање услови за нови вработувања во општината.

-Градот ќе се погрижи да ги задржи младите, а тоа што доминира интересот за информатички и технички науки, е добро за општината. Локалната самоуправа конкретно соработува со универзитетот, две години во континуитет се реализира практиканство кое го вршат студентите обучувајќи се во општинската администрација. Дипломираните студенти треба да останат дома, затоа што дома си е дома, и да придонесуваат за градот и државата. Градот живее и има перспектива, а ние ќе создаваме услови за вработувања на кадри кои се посветени на ИТ-технологиите, посочи градоначалникот Коњановски.

Претпладнево прв академски час се одржа на сите факултети, членки на УКЛО што се наоѓаат во Битола, Скопје, Велес, Прилеп, Кичево и во Охрид. мт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан