Неделковски: Европските универзитетски алијанси се нови хоризонти за вмрежување
- Новите модели и искуства отвораат нови хоризонти за вмрежување и стратешко партнерство меѓу универзитетите од регионот, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Игор Неделковски по враќањето од Форумот на ректори од Југоисточна Европа и Западен Балкан, кој викендов се одржа во Црна Гора.

Битола, 14 април 2025 (МИА) - Новите модели и искуства отвораат нови хоризонти за вмрежување и стратешко партнерство меѓу универзитетите од регионот, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Игор Неделковски по враќањето од Форумот на ректори од Југоисточна Европа и Западен Балкан, кој викендов се одржа во Црна Гора.
На високиот академски собир во Подгорица, централна тема беше обезбедувањето квалитет во високото образование, како на национално, така и на европско ниво, со фокус на предизвиците поврзани со концептот на европска диплома, иницијатива што ја претставува следната етапа во процесот на европска интеграција на високото образование, нагласи ректорот Неделковски.
-Соработката меѓу европските универзитетски алијанси, претставена со нови модели и искуства отвора нови хоризонти за вмрежување и стратешко партнерство меѓу универзитетите од регионот. Оваа година во Подгорица се одржа и редовното Генерално собрание, на кое беа донесени значајни одлуки за идните насоки на дејствување на оваа платформа, посочи Неделковски кој воедно беше избран за член на претседателството на Генералното собрание.
Форумот на ректори од Југоисточна Европа и Западен Балкан е платформа што обединува 34 универзитети од девет држави во регионот, меѓу нив и Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, како афирматор на македонските образовни и научни процеси.
Како што е познато, минатата година УКЛО во Битола беше домаќин на 9. Форум на ректори од Југоисточна Европа и Западен Балкан. мт/мд/
Фото: УКЛО-Битола