• сабота, 23 ноември 2024

И Мицкоски и Азески се за дијалог со синдикатите за предлогот „недела неработен ден“

И Мицкоски и Азески се за дијалог со синдикатите за предлогот „недела неработен ден“

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески денеска во врска со предлогот на синдикатите за недела неработен ден изјави дека негов коментар е дека треба да се разговара и оти во јавност треба да се излегува откако ќе се постигне некаков договор. И премиерот Христијан Мицкоски, кој беше на одбележувањето на годишнината од Стопанската комора, кажа дека тие како Влада стојат на располагање за разговори со синдикатите, но оти исто така мора да се води сметка за иднината на државата.

-И јас ќе останам на тие принципи и нема повеќе да коментирам. Значи, верувам дека ќе имам добра соработка со Сојузот на синдикатите и со сите синдикални организации. И сакам да повторам за тие што не знаат дека стопанските комори се претставници на фирмата, таа ги претставува фирмите, а во фирмите има и работодавачи има и работници. Ние никогаш ниту сме биле спротивставени со работниците, ниту ќе бидеме затоа што без нив ние не можеме да функционираме, а посебно има Организација на работодавачите, посебно Синдикат за фирмите, но ние ги застапуваме фирмите во коишто се содржани тие две, така што на Македонија и треба дијалог. Ние сме за дијалог ноќе и дење и ќе бидеме спремни за таква работа, рече Азески по одбележувањето на 102 години од основањето на Стопанската комора. 

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, рече дека тие како Влада се за дијалог со Синдикатот, но оти мора да се води сметка за државата.

-Ние стоиме на располагање, ќе разговараме со синдикалните организации итн. Но, мора да водиме сметка за иднината на државата. Тоа е она кое што е многу важно затоа што ако немаме здрава економија ќе немаме ни вработени. Тоа е многу важно. И тогаш кога немаме ние вработени, тие вработени ќе одат на друго место и оваа држава ќе се празни. Колку повеќе се празни државата, толку помали се приходите во буџетот, толку помалку ќе има пари и за плати и за пензии и за капитални инвестиции и за поддршка. Тоа е еден систем. Значи, ние мораме тој систем да го организираме да функционира беспрекорно ако сакаме сите заедно да бидеме среќни, рече Мицкоски.

Тука, додаде премиерот, нема кој добил, кој изгубил. - Овде еден ако изгуби, губиме сите. Ова е како алка и ако таа алка има мало парче кое е најслабо и тоа мало парче пукне, попушти, тогаш попушта целата алка. Затоа мора низ дијалог заедно да седнеме и да направиме еден систем којшто ќе функционира не само сега, денес, утре, задутре, туку ќе функционира и во иднина, рече Мицкоски.

Прашан кога се очекува да влезат парите од унгарскиот заем во стопанството и до каде е постапката за изработување на закон, Мицкоски рече дека на вчерашната седница на Владата била задолжена министерката за финансии да го потпише договорот со нејзиниот колега од Унгарија биодејќи е таква процедурата согласно закон.

-Морате во Собрание да поминете закон за задолжување, затоа што го правиме во транспарентна постапка во која што сите пратеници ќе бидат свесни. Ние не криеме. Ние шверцерски ништо не поминуваме. Тоа се условите, тоа е сумата. Кога би било? Па очекувам таму некаде првиот месец од есента дека ќе бидат на располагање на компаниите, а веќе следната година останатите 250 милиони евра да бидат на располагање на општините, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека компаниите што ќе ги исполнат условите ќе добијат пари од кредитот и не може бизнисите да бидат делени дали имаат или немаат синдикални организации.

-Тие што ќе ги исполнат условите ќе ги користат овие поволности. Јас денеска кажав не се само овие 250 милиони евра. Има една кредитна линија која што е на располагање, долго време не се користи, тоа се уште дополнителни стотина милиони евра од ЕИБ и како Влада ја разгледуваме можноста да Владата ја плати каматата да може бизнисот да го користи кредитот, односно главницата. Тоа се 350 милиони евра и ценам дека оваа помош барем со уште 350 дополнителни милиони евра што ќе дојдат од бизнисот ќе заокружи една инвестициска активност од 700 милиони евра што ќе влијае врз БДП, ќе влијае на пазарот на трудот, ќе отвори нови работни места итн. Така што, како што кажа и претседателот Азески, станува збор за еден комплексен процес. Не е процесот само еднократен денес за утре да гледаме, ниту пак за политички поени, ниту пак популизам. Целта е да како држава бидеме водечка во регионот, да не бидеме на дното и да гледаме како другите не претекнуваат, рече Мицкоски во изјава за медиумите по одбележувањето на 102 години од Стопанската комора. ев/ац/ 

Фото: МИА

Остани поврзан