• четврток, 26 декември 2024

Недела на циркуларна економија на Западен Балкан 2024

Недела на циркуларна економија на Западен Балкан 2024

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) – Третата годишна Недела на циркуларната економија на Западен Балкан 2024, започнува денеска и ќе трае до 31 мај на тема „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“.

Како што стои во соопштението, организациите од земјите на Западен Балкан, членки на ЛогЕкс (LogEx) заедницата, ќе одржат низа паралелни активности со кои ќе ги промовираат добрите практики и знаења, но и предизвиците и перспективите на циркуларната економија во регионот.

Регионалната иницијатива на ЛогЕкс заедницата, формирана од Балкан Форум, има за цел да го револуционизира пристапот на Западен Балкан кон одржлив развој, преку промовирање на практики на циркуларната економија. Со здружување на различни актери, вклучувајќи ја и академијата, граѓанските организации, медиумите, бизнисот и експертите, Неделата на циркуларна економија има за цел негување на соработка и поттикнување значајни промени во регионот.

Во рамки на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан, граѓанската платформа ЦИВИЛ ќе спроведе програма со објавување на едукативни содржини поврзани со циркуларната економија, како и серија на интервјуа со фокус на перспективите на оваа, како што велат, економска област на иднината. 

Соопштуваат дека подготвуваат анализа на тема „Циркуларната економија во време на војни и несигурност“, која заедно со активностите на организациите членки на мрежата ЛогЕкс низ целиот регион ќе биде презентирана на 31 мај. ра/мд/

Фото: ЦИВИЛ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан