• четврток, 12 февруари 2026

Недела на лозаровинарство, изложба на дела од ликовната уметница Македонка Димова во Вински музеј - Кавадарци 

Недела на лозаровинарство, изложба на дела од ликовната уметница Македонка Димова во Вински музеј - Кавадарци 

Кавадарци, 10 февруари 2026 (МИА) - Во рамките на одбележувањето на неделата на лозаровинарството, а во чест на празникот „Свети Трифун“ што се смета за заштитник на лозарите и винарите, денеска во Вински музеј - Кавадарци, беше отворена изложба на дела од ликовната уметница Македонка Димова - Дона.

- „Свети Трифун“ е длабоко вкоренет во традицијата на Тиквешијата, регион што со векови ја негува лозата и го создава виното како симбол на труд, трпение и заедништво. Денес, овој празник го одбележуваме не само како вински, туку и како културен настан, со што Винскиот музеј ја потврдува својата мисија да биде жив простор на културата, уметноста и образованието, рече директорката на музејот, Елизабета Ристова.

Таа подвлече дека творечкиот израз на уметницата, носи силна емоција, автентичност и почит кон традицијата.

- Нејзините дела го збогатуваат и му даваат дополнителна длабочина на просторот во кој се наоѓаме. Голема благодарност упатуваме и до професорите по македонски јазик и учениците од трите средни училишта во Кавадарци, кои со својата поезија ни покажуваат дека младите имаат чувствителност, талент и љубов кон пишаниот збор. Нивните стихови се доказ дека културната вредност продолжува да живее и да се развива, истакна Ристова.

Таа додаде дека овој настан е заокружен со традиционална храна и квалитетно тиквешко вино, што се наш белег, наша гордост и наше културно наследство. Притоа упати благодарност до градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци и сите покровители на овој настан, што ги поддржува културата и традицијата.

- Нека „Свети Трифун“ ни донесе плодна година, здравје, успех и уште многу вакви средби исполнети со уметност, поезија и добро вино, порача Ристова.

Задоволство што нејзината изложба е во рамките на одбележувањето на празникот што е симбол на виното, трудот и благословот, изрази и Димова.

- Овој празник има посебно значење за Кавадарци, а за мене претставува инспирација што се преточува во боја, форма и емоција. Упатувам благодарност до градоначалникот на општина Кавадарци и Винскиот музеј, за поддршката и просторот, рече Димова. свд/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан