• сабота, 23 ноември 2024

Неготино ќе добие 10 индикаторски станици за мерење на квалитет на амбиентален воздух

Неготино ќе добие 10 индикаторски станици за мерење на квалитет на амбиентален воздух

Неготино, 9 јануари 2024 (МИА) - Неготино ќе добие 10 индикаторски станици за мерење на квалитет на амбиентален воздух, што ќе мерат четири параметри, температура и влажност, но и присуство на загадувачки пм 2.5 и пм 10 честички. Мерните станици ќе бидат поставени од страна на регионалното еколошко Здружение за заштита на животната средина, „Ековита“.

- Пет станици ќе бидат поставени во градска средина, а другите пет во селата Војшанци, Тремник, Криволак, Пепелиште и Вешје, каде што се наоѓа руралната канцеларија на „Ековита“. Сите станици ќе бидат поврзани на интернет платформата „Мој воздух“ и сите заинтересирани ќе можат да ги следат резултатите од мерењето во секое време, појасни за МИА, Сашко Тодоров, претседател на Здружението.

Тодоров, кој е дипломиран инженер биолог, нагласи дека аерозагадувањето е од посебен интерес за нив, особено поради фактот што во одделни периоди од денови, загадувањето на амбиенталниот воздух е и десетина пати повеќе од дозволеното. Тоа го покажала засега единствената индикаторска мерна станица, поставена од нивна страна.

Тој додаде дека со поставувањето на повеќе мерни станици, ќе се има појасна и споредбена слика за загадувањето во општината.

- Во Неготино ќе се мери аерозагаденост и преку присуство на различни видови лишаи, со што на иновативен начин ќе се води битка со загаденоста на воздухот, информираше Тодоров, инаку раководител на проектот.

Тој нагласи дека ќе се детектираат лишаи на одредени места во Вардарски плански регион и ќе се користат како биоиндикатори за биолошки мониторинг на аерозагаденоста и постоење на јасна врска помеѓу загадувањето на воздухот и видовите на лишаи.

Тодоров појасни дека со проектот ќе се врши мониторинг врз загадувањето на воздухот во општината. Тој нагласи дека лишаите се одлични биоиндикатори за определување на степенот на аерозагаденост и типот на загадувач во урбаните средини.

Активностите се дел од проектот „Пустина на смогот“, што се спроведуваат од страна на Здружението на граѓани „Ековита“ во соработка со Здружението на граѓани „Антигонеа бајкинг“, а поддржан од Македонското здружение на млади правници МЗМП, Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу грин“, Центар за климатски промени и Здружение на млади „Креактив“, во рамки на проектот „Младински активизам за позелени општини“, финансиски поддржан од Европската Унија. свд/бд/

Фото: „Ековита“

Остани поврзан