Неготино доби затворен градски пазар
- Неготино доби затворен градски пазар, за чија изградба се издвоени 25.913.899 ден со вклучен ДДВ, од буџетот на општината. Увид на пазарот и свечено отварање, денеска извршија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот Горан Стојанов, кои посетија уште две локации во градот.

Неготино, 26 февруари 2025 (МИА) - Неготино доби затворен градски пазар, за чија изградба се издвоени 25.913.899 ден со вклучен ДДВ, од буџетот на општината. Увид на пазарот и свечено отварање, денеска извршија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот Горан Стојанов, кои посетија уште две локации во градот.
- После децении чекање, жителите на општина Неготино добија нов, модерен и најсовремен градски пазар. Станува збор за затворен пазар, поставени се нови и современи метални тезги, се оствари долгогодишната желба за градски пазар по највисоки стандарди, рече Стојанов.
Мицкоски истакна дека Неготино доби нов затворен градски пазар, како и нова комунална инфраструктура.
Мицкоски, Перински и Стојанов ја посетија и урбаната заедница 5.1, каде во втора фаза, отпочнуваат градежни работи што се однесуваат на изградба на комунална инфраструктура , уредување на цела населба.
- Вредноста на договорот за изградба изнесува 35.370.500,00 со ДДВ, финансирање од Министерството за транспорт со 25.256.509,00 со ДДВ и кофинансирање Општина Неготино со 10.113.991,00 со ДДВ. Оваа фаза од проектот беше аплицирана на јавниот повик за финансирање на МЛС, а согласно соодветното министерство склучен е договор со МТ. Првата фаза беше реализирана со вкупна вредност на проектот во износ од 15.930.000,00 денари, средства обезбедени од буџетот на општина Неготино, соопштија од локалната самоуправа.
Беше извршен и увид во реконструкција на тротоари на улицата ,,Маршал Тито".
- Вредноста на договорот е 10.496.204,00 со ДДВ. Овој проект беше аплициран на јавниот повик преку МЛС за финансирање на општините, преку надлежно министерство МТ. Со овој проект е предвидено отстранување на стариот бетон и ивичници и отстранување на постоечките дрвја , тампонирање и монтажа на нови бекатон коцки и ивичници и засадување на нови дрва, магнолии, информираа од локалната самоуправа.
Перински изрази задоволство од проектите што се реализираат по првиот јавен повик. Тој изрази надеж дека со истото темпо ќе се аплицира и за други проекти по вториот повик што е во тек, во интерес на населението.
- Ова е практично доказ дека за оваа Влада предводена од премиерот Мицкоски, не постојат заборавени места. Рамномерниот развој за нас е императив, затоа што со него, гарантираме економска и социјална стабилност на земјата и секако со тоа го зголемуваме и квалитетот на живот на сите, посочи Перински.
Премиерот појасни дека дел од проектите се завршени со општинскиот буџет, дел се од првиот повик коишто го имаше Министерството за локална самоуправа и сега веќе е објавен вториот повик.
- Во разговор со градоначалникот заклучив дека има подготвено проекти во вредност многу поголема од таа што ќе се финансира во овој втор повик, така што имаме проекти и за третиот и за четвртиот повик. Сега некаде проектите што ќе бидат финансирани, се околу 150 милиони денари во вториот повик, но и 150 милиони денари преку проектот и повикот којшто го објави Министерството за локална самоуправа ќе бидат финансирани во општина Неготино, истакна премиерот.
Тој информираше дека на вчерашната владина седница поминал проект за целосна реконструкција на улицата „29 Ноември“ во вредност од 36,5 милиони денари.
- Во таа реконструкција предвидена е атмосферска фекална канализација, потпорен ѕид и асфалт. Значи на тие 150 милиони имаме нови 36,5 милиони за Неготино. Што ќе каже дека она коешто го ветуваме пред граѓаните и го исполнуваме. Така ќе продолжиме да работиме и во иднина, додаде Мицкоски. свд/са/
Фото : МИА