• среда, 25 декември 2024

Невреме со силен ветер и дожд направи штети во Ранковце

Невреме со силен ветер и дожд направи штети во Ранковце
Крива Паланка, 10 јули 2021 (МИА) - Реонот на Oпштина Ранковце попладнево го зафати невреме од дожд и силен ветер што предизвика штета и прекини во напојувањето со електрична енергија.
Градоначалникот на Општина Ранковце, Ивица Тошевски, информира дека најпогодени од невремето се селата Гиновци, Петралица и делови од Одрено.
- Силниот ветер и пороен дожд што го зафатија реонот на нашата општина околу седумнаесет часот, во период од неполн час направија поголема материјална штета во Гиновци, Петралица и делови од Одрено. Паднати дрвја на и покрај патот, однесени ќерамиди и дел од кровни конструкции, искинати кабли за интернет и телефонски кабли, како и кабли за струја се само дел од штетите што настанаа. Како локална самоуправа презедовме интервентни активности, во координација со Територијалната противпожарна единица од Ранковце, како и со поддршка од приватниот субјект што гради водоснабдителен систем во нашата општина, беа отстранети паднатите дрвја, се работеше на расчистување на повеќе локации,за да се излезе во пресрет на потребите на локалните жители, изјави Тошевски.
Тој рече дека наместа се уште има паднати бандери со телефонски приклучоци, а во одреден временски период во делови од општината во прекин било и снабдувањето со електрична енергија.
Наместа биле забележани покосени стебла  пченка, а штетите кои се настанати на земјоделските култури допрва ќе се утврдуваат.ид/лв/
фото МИА архива

Остани поврзан