• четврток, 26 декември 2024

Невладина организација „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп: Неопходна е поголема комуникација за унапредување на меѓуверските и меѓуетничките односи

Невладина организација „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп: Неопходна е поголема комуникација за унапредување на меѓуверските и меѓуетничките односи

Прилеп, 8 декември 2023 (МИА) - Да се зголеми комуникацијата помеѓу верските и етничките заедници за напредок на нашето мултиетничко општество. Разноликоста е предност, но мора да се унапредува, сметаат од прилепската невладина организација „Станица П.Е.Т.“ која две години работи на унапредувањето на меѓуверските и меѓурелигиските односи во Регионот, со бројни работилници и дебати.

- Веќе две години работиме на меѓурелигиската толеранција и односите во заедницата. Она што го утврдивме е дека недостасува комуникација и дијалог, помеѓу самите претставници од верските заедници, но и на верските заедници со пошироката јавност. Тоа остава простор за непознавање едни на други и за развој на стереотипи и предрасуди помеѓу припадниците на заедниците, но и од поширокото општество кон нив, вели Весна Шапкоски, извршна директорка на невладината организација „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп

Постои генерален впечаток дека верските заедници се затворени, дека работат исклучиво за своите интереси, без да придонесат повеќе за општественото добро, Но, како што истакнува Шапкоски, тоа е пред сѐ поради недостатокот од комуникација.

-Разноликоста, односно, различните етнички заедници, различните религиозни заедници се предност на едно општество и ние сметаме дека тие различности треба да се унапредуваат и да се искористат за унапредувањето на општественото добро, наместо да ги гледаме како пречка која нѐ оневозможува да одиме напред. Оттука, сметаме дека верските заедници со нивниот капацитет, со бројноста на нивните членови, со ресурсите кои  ги имаат, со пристапот кој го имаат до заедниците, може многу да придонесат во развојот на општествените процеси, бидејќи, самите тие помеѓу себе и со целото наше општество споделуваат заеднички вредности, а тоа се: унапредување на состојбите, помош на маргинализираните заедници, на ранливите категории граѓани, едукација на младите, па сѐ до прашања кои вклучуваат заштита на животната срединаи, објаснува Шапкоски.

Според неа, капацитетот на овие верски заедници може и треба да биде искористен  и од невладините организации и од институциите повеќе да ги вклучуваат верските заедници со нивните капацитетио за да се придонесе кон нивните заеднички акции.

-Она што придонесува до развој на негативни ставови се разните лажни вести кои се шират на социјалните мрежи. Тоа создава бариера помеѓу едни и други, вели Шапкоски.

Таа посочува дека кога сите тие претставници на различните заедници ќе се стават на една маса, кога ќе разговараат и ќе дискутираат за различни прашања, тие сите се согласни дека имаат заеднички вредности на кои треба да работат и дека е во интерес на сите групи да постигнат општествено добро.

- Институциите треба да ги вклучат верските заедници, верските лидери, членовите на верските заедници, токму кога има колективни активности за кои е потребно пристап на теренот, вклучување во заедницата, бидејќи тие го имаат допирот до заедницата. На таков начин може заеднички да работат, заклучува Весна Шапкоски, извршна директорката на невладината организација „Станица П.Е.Т.,“ со седиште во Прилеп. ем/дма/

Фото:  МИА

Остани поврзан