• четврток, 26 декември 2024

Невада гласа за избор на демократски претседателски кандидат

Невада гласа за избор на демократски претседателски кандидат
Вашингтон, 17 февруари 2020 (МИА) - Во сојузната држава Невада почна гласањето на прелиминарните избори за демократска претседателска номинација. Ова е трета сојузна држава која гласа за кандидат кој на изборите во ноември би се натпреварувал со републиканскиот кандидат, актуелниот претседател на САД Доналд Трамп. Карактеристично за Невада е тоа што се гласа неколку денови. Гласањето започна вчера, продложува утре, а ќе заврши в сабота за кога се закажани партиски собранија, или таканаречените „кокуси“, низ цела држава. Невада е етнички мноу поразновидна, латиноамериканците и афроамериканците сочинуваат голем дел од населението, за разлика од сојузните држави Ајова и Њу Хемпшир, каде доминираат белци. Предизборните анкети покажуваат дека сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, кој го освои мнозинството во Ајова и Њу Хемпшир, би можел да победи и во Невада. На првите две прелиминирани гласања, Сандерс беше во тесна трка со поранешниот градоначалник од Индијана Пит Бутиџиџ, но, политички истражувања покажуваат дека поранешниот потпретседател Џо Бајден, би можел да биде неговиот главен противник во Невада, кој, пак, се обидува да се врати во игра откако заврши на четврто и петто место во Ајова и Њу Хемпшир. Сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар и сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, исто така, се обидуваат да добијат поддршка во оваа сојузна држава, пред изборите во Јужна Каролина на 29 февруари. Неколку денови потоа (вторник, 3 март, или таканаречениот „супер вторник“), пак, ќе се гласа во 14 сојузни држави. Тогаш демократите ќе се соочат и со поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг. Блумберг не учествуваше на изборите во првите четири сојузни држави, но, потроши над 350 милиони долари сопствени пари за телевизиски реклами и за да ги плати вработените во неговата кампања. Тој се соочува со критики од црномурестото население во САД за неговите политики за справување со криминалот во Њујорк, со воведената полициска акција „Стопирај и пребарувај“ додека беше градоначалник. Оваа акција го таргетираше црномурестото население во градот. Сепак, неговата популарност расте на националните анкети, и Трамп ја потцени кандидатурата на Блумберг, па затоа прв ги почна нападите. Двајцата веќе разменија жолчни критики и навреди еден против друг. Познавачите велат дека ако Блумберг избие во демократските прелиминарни избори и ја добие кандидатурата, меѓу двајца милијардери ќе следува жолчна расправа полна со лични дисквалификации, бидејќи и двајцата се од Њујорк, соработувале во минатото и си ги знаат слабостите. кб/гт/

Остани поврзан