• четврток, 26 декември 2024

НБА сериозно размислува за зголемување на бројот на екипи

НБА сериозно размислува за зголемување на бројот на екипи

Њујорк, 11 јуни 2024 (МИА) - Националната кошаркарска асоцијација на САД и Канада (НБА) ќе се фокусира на зголемување на бројот на тимови во првенството, откако го потпиша долгоочекуваниот нов договор за телевизиски права. Ова го соопшти комесарот Адам Силвер, цитиран од американските медиуми.

Силвер прецизираше дека ова е следната голема цел на НБА, која има 30 екипи и два помалку од другите големи лиги - Националната фудбалска лига (НФЛ) и Националната хокеарска лига (НХЛ).

-Пред да го разгледаме проширувањето, треба да финализираме долгорочен договор за ТВ правата. Тие договори се при крај и навистина ќе бидат за многу години. Се надевам дека тоа ќе генерира повеќе пари за Лигата и за тимовите и дури тогаш ќе бидеме во позиција за проширување, изјави Силвер.

НБА е во преговори со сегашните и новите медиумски партнери за договор кој ќе започне од сезоната 2025/2026. Според информациите на „Вол Стрит Журнал“, ќе трае до 11 години и ќе донесе околу 75 милијарди долари на кошаркарскиот шампионат.

-Проширувањето не е нешто во што можеме да бидеме сигурни. Претходно кажав дека треба да внимаваме на потенцијалот. Не сакаме да го разводнуваме талентот во тимовите, но толку многу кошарка се игра во светот. Во моментов јас лично не се сомневам дека можеме да поддржиме уште два тима, продолжи комесарот на НБА.

Според Силвер, Сиетл и Лас Вегас имаат сериозен интерес и огромен потенцијал, а гледајќи напред, и Мексико Сити еден ден би можел да аплицира за тим. Сепак, тој нагласи дека „многу други градови во САД и Канада контактирале со НБА и покажале интерес“.

Последното проширување на НБА беше во 2004 година со додавање на Шарлот Бобкетс, сега Хорнетс. Поранешните „стршлени“ се преселија во Њу Орлеанс и беа ребрендирани во Пеликанс. По промената на името, тие ги вратија правата на Хорнетс на градот Северна Каролина. дс

Фото: Архива

Остани поврзан