• недела, 29 декември 2024

На 81 година почина сер Клајв Синклер

На 81 година почина сер Клајв Синклер
Лондон, 17 септември 2021 (МИА) - Пронаоѓачот сер Клајв Синклер, кој го популаризираше домашниот компјутер и го измисли џепниот калкулатор, почина вчера наутро во својот дом во Лондон, на 81 година. Неговата ќерка Белинда Синклер изјави дека починал по битката со ракот што го имал повеќе од 10 години. - Тој сѐ уште работеше на своите пронајдоци, до минатата недела - затоа што сакаше да го прави тоа. Тој беше инвентивен и имагинативен и за него тоа беше возбудливо и авантура. Тоа беше негова страст!, истакна г -ѓа Синклер. Тој е носител на бројни научни признанија, а беше и член на британската Менса и нејзин претседател од 1980 до 1997 година Неговите компјутери „Зет-екс спектрум“ претставуваа прифатливи и пристапни персонални компјутери за широка употреба - беа продадени во милиони низ целиот свет. Меѓутоа, во интервју за Би-Би-Си од 2013 година, тој откри дека самиот не користел компјутери. - Не сакам одвлекување на вниманието. Кога би имал компјутер, би почнал да мислам дека можам да го сменам ова или она, а не сакам. Мојата сопруга многу љубезно се грижи за сѐ тоа наместо мене, рече тогаш сер Синклер. За разлика од компјуерите, неговиот обид да лансира електрично возило беше неуспешен. Имено, „Ц5“ беше пуштен во продажба 1985 година, а купувачите беа разочарани од ограничениот опсег, бавноста и неможноста возилото да се искачува по нагорнини. Тоа предизвика сериозни финансиски проблеми за иноваторот. Неговата ќерка смета дека понекогаш бил можеби пребрз со своите пронајдоци. - Тој беше многу добар во замислувањето работи што можеби ќе им се допаднат или можеби ќе им требаат на луѓето, иако можеби, тие и не знаеја дека ги сакаат, вели таа. си/сд/

Остани поврзан