• петок, 27 декември 2024

На 22 март завршни зборови од Обвинителството за ,,Трезор"

На 22 март завршни зборови од Обвинителството за ,,Трезор
Скопје, 1 март 2021 (МИА) - Со завршни зборови на Обвинителството, на 22 март ќе продолжи судењето за предметот „Трезор“, за злоупотреба на  средства од Буџетот на Република Северна Македонија. На денешното рочиште, кое беше последно од доказната постапка, сведочеше Ненад Јосифовиќ, вработен во Орка Холдинг, кој беше еден од осомничените во предметот „Империја“ кој го отвори поранешното СЈО, за што беше и притворен. На прашање на обвинителот Артан Ајро, сведокот кажа дека има слушнато дека постојат фирмите Финзи Америка и Финзи Македонија. Прашан кој ја користел фирмата Финзи во Македонија, рече дека најверојатно покојниот Жарко Луковски, кој ја користел за свои потреби, „можеби ја користеше за сервис на мобилни телефони“, кажа сведокот, а на прашањето дали правното лице „Финзи“ имало зделки поврзани со МВР, како и дали лицето Сашо Мијалков бил поврзан со користењето на ова правно лице, одговори дека не знае. Со сослушувањето на овој сведок се исцрпе листата на докази, со што Судот констатираше дека доказната постапка заврши и ги закажа завршните зборови на обвинителството за 22 март 2021 година, додека, завршните зборови на одбраната за 29 март 2021 година. Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР,  Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР,  Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. ар/бк/ фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан